
Владата на Франција се тресе: Буџетската битка ја доведува владата на Бајру до работ на пад
Сметките на Бајру и одговорот на Ле Пен
Намалувањето на буџетот од 44 милијарди евра беше главниот адут на Бајру во обид да покаже одговорност пред европските институции и финансиските пазари. Тој се обложи дека Ле Пен, поради сопствените правни проблеми и забраната за кандидатура, нема да ризикува предизвикување нови избори. Но, сметките се покажаа погрешни. Лидерката на RN јавно соопшти дека не ѝ дава доверба на владата, што автоматски ја отвори вратата за заедничко гласање против Бајру од страна на десницата и левицата, наведуваат дел од регионалните медиуми во своите анализи на темава.
Препорачано
Овој пресврт ја става владата во исклучително ранлива позиција. Ако Бајру падне, Макрон ќе има ограничен број опции за избор на нов премиер, при што најчесто се споменува името на министерот за одбрана Себастијан Лекорни. Но и таквото решение би било само привремено, бидејќи незадоволството во парламентот се продлабочува.
Марин Ле Пен и стратегијата за нови избори
И додека владата опстојува на конец, Националниот собир активно се подготвува за можни предвремени избори. Партијата веќе селектира поголем дел од кандидатите за нов состав на парламентот, настојувајќи да ја избегне етикетата „крајна десница“ и да се претстави како политичка сила подготвена за власт.
Иако самата Ле Пен се соочува со правна битка која може да ја спречи да се кандидира, RN вложува напори да ја искористи кризата како своја историска шанса, пишуваат медиумите. Но, бариерите остануваат големи: француската јавност сè уште е поделена околу прифаќањето на RN, а предлог-програмата за ограничување на правата на мигрантите и контроверзните изјави на дел од партиските претставници ја прават задачата за стекнување широка легитимност уште потешка.