
Владата итно да се задолжи за да не останат многу работници на улица
Стопанствениците сметаат дека состојбата треба да се следи на дневна основа и алармираат дека компаниите веќе отпуштаат работници.
Стопанствениците велат дека се задоволни што Владата ќе преземе првични мерки за премостување на состојбата во економијата што настана од коронавирусот, но се надеваат дека Владата ќе остане на ветеното и дека ќе се преземат уште многу мерки за да се спасат компаниите, работниците, но и државната каса.
Препорачано
Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, ситуацијата треба да се следи на дневна основа и соодветно да се реагира во економијата.
– Сега е време државата да се задолжи со поголем износ и да им помогне на компаниите. Проблеми немаат само секторите угостителство, транспорт и туризам, туку и другите компании. Владата најави дека ќе има помош и за други компании што биле погодени од мерките за справување со коронавирусот, но тоа го кажа многу паушално, без никакво прецизирање. Изјавата дека преку УЈП ќе се гледа дали фирмите имаат намалени приходи е несоодветна. УЈП ќе ја види нашата состојба кога нема да ѝ стигнат приходи, практично кога компанијата ќе стави клуч на врата, а тогаш ќе биде доцна – вели Димитров.
Димитров смета дека сега е најдобро сите да добиваат минимална плата, независно дали се во јавниот или во приватниот сектор.
– Секако, државата не може да им го наложи тоа на приватните фирми, но може да го направи во администрацијата – вели Димитров.
И претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, вели дека ситуацијата треба во континуитет да се следи и дека требаат нови сетови мерки.
– Доколку не се преземат натамошни сериозни олеснувања за стопанството, многу од компаниите може да стават клуч на врата. Дел од компаниите веќе отпуштаат и работници. Во моментов се соочуваме со реален проблем, како да ги платиме тековните обврски и кредитите – рече Арсовска.
Дел од мерките што Сојузот ги предложи до Владата се итно формирање фонд за ублажување на штетите на компаниите, ослободување на придонесите од плата за вработените што не се на работа поради мерките на Владата, како и ослободување од придонеси за следните три месеци за компаниите што се под најголем удар.
Во моментов, најзагрозени се платите во угостителството и во туризмот каде што работат 20.000 работници и во транспортот и шпедицијата каде што има 5.700 работници. Загрозена е и трговијата со 102.000 вработени, со тоа што во овој сектор работа преку глава има за продавачите на храна, но продавниците за облека и за чевли или не работат или немаат никаков промет, а и од Занаетчиската комора се пожалија дека работата им е блокирана.
Владата го објави првиот сет економски мерки. Ќе се субвенционираат 50 отсто од придонесите за плати за месеците април, мај и јуни во секторите туризам, угостителство, транспорт и во погодените компании од мерките на Владата, а за нив ќе има и бескаматна кредитна линија.
Во текстилната индустрија има работа за уште две-три недели
Во текстилната индустрија во која работат 35.000 работници работа има уште за две-три недели, тврди Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик на текстилната фабрика „Мода“.
Тој вели дека текстилните компании немаат нови налози од своите странски партнери.
– По старите налози има работа за уште две-три недели и потоа нема нарачки. Што ќе правиме во мај, во јуни и во јули? Очекувам многу текстилни фабрики да се затворат – вели Димитров.
Македонските текстилни фабрики главно имаат лон-производство, а најмногу работат со Германија.
Таки Фити: Државата ќе мора да им помогне и на граѓаните
Со прогласувањето вонредна состојба, може да носат уредби со сила на закон, вклучувајќи ги и уредбите за пренамена на буџетските средства, изјави за „Утрински брифинг“ за Слободна ТВ, академикот Таки Фити.
– Во социјалните трансфери не треба да се крати, туку и да се зголеми износот, бидејќи освен на стопанството, Владата ќе треба да им помогне и на граѓаните. Ова што е направено за микро, малите и средните претпријатија е прв чекор. Не се е тоа големи пари, но за премостување во почетокот се сосема доволни – вели Фити.