
Влада: „Македонски“ има насекаде на настанот во Белград, а парите што се трошат се директна поддршка за бизнисот
Придавката „македонски“ ја има секаде на промотивниот материјал на Саемот за храна, вино и туризам во Белград, а парите што се трошат за активностите таму се директна поддршка на бизнисот, од што се очекуваат повеќекратни придобивки.
Препорачано
Вака Владата одговори на прозивките од опозицијата, откако ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција денеска обвини дека среде криза се трошат 400 илјади евра за промоција и се бара во промоцијата да не се споменува „Македонија и „македонско“.
„Апелираме да не се шират невистини, кои ни носат само штета. Настанот во Белград е значаен за промоција и поддршка на македонската економија и извозниот потенцијал на македонските вина и храна, но и важен за развој на туризмот како и за поврзување и заедничка соработка на земјите од регионот. Придавката ’македонски‘ може да се види секаде на промотивен материјал и е составен дел од сите материјали со кои се промовираат македонските производи, храна, вино и туризам. Сите досега објавени материјали во јавноста ја содржат таа придавка и истата е составен дел од материјалите на другите јазици“, велат од Владата во одговорот до „360 степени“.
За парите за промотивни активности, пак, велат дека се наменети за поддршка на македонските винарии и компании кои учествуваат на саемот, што според Владата, е директна поддршка на бизнисот.
„Согласно сериозноста и обемот на Саемот, промоцијата е наменета да се поддржат македонските винарии вкупно 42, три дестилерии и 10-тина производители на храна, како и промоција на туризмот, што е промоција на нашата економија. Воедно, напоменуваме дека се вклучени и буџетот опфаќа повеќе активности како што е посебниот настан ’Македонска вечер‘ со 400 посетители, бизнис заедницата од регионот и пошироко на кој македонските компании ќе се вмрежуваат и ќе го прошират својот извозен потенцијал“, велат од Владата.
Во објаснувањето за што се трошат предвидените пари оттаму посочуваат дека промотивните материјали како видеа, прошири и кампања на социјалните мрежи се на повеќе јазици, се дистрибуираат во сите три земји кои се дел од Отворен Балкан (Албанија, Србија и Северна Македонија).
Најавениот регионален фестивал за претставување на винарии од земјава и регионот за 7 септември во Струмица, исто така, е дел од активностите за кои ќе се потроши дел од буџетот.