Фото: ЦУК

Вкупно 28 пожари во текот на вчерашниот ден, 10 се сè уште активни

Во текот на вчерашниот ден, како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), имало вкупно 28 пожари на отворено од кои 10 се сè уште активни.

Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.

– Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола. Состојбата е сериозна бидејќи од овие десет околу половина горат во висока квалитетна шума, а најмалку два зафаќа борова шума – изјави Ангелов во вчерашното гостување на Сител телевизија.

Во врска со активираниот механизам за цивилна заштита на ЕУ, Ангелов информираше дека денеска, евентуално утре, ќе имаме шест хеликоптери и четири ер-трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка, и четири ер-трактори, два од Германија и два од Шведска.

Ангелов во видео изјава вчера апелираше до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање на луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.

– Како држава имаме доволно припадници на Армијата и полицијата и ако тоа некаде го побараат локалните авторитети кои командуваат со гаснењето на пожарите – градоначалниците, ние можеме да испратиме онолку војска или полиција колку што тие ќе побараат. Граѓаните секаде не можат да бидат од корист, напротив, некаде можат да сметаат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, на „Национални шуми“, на пожарникарите доброволци или на самите летала. Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во синоќешниот случај кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во гаснењето на пожарите, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици – рече Ангелов и апелираше да не се создава непотребна паника.

Тој информираше дека вчера седница одржувал Управувачкиот комитет, на која донеле одлука да ѝ предложат на Владата за ангажирање на НАТО-механизмот за помош.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека има историски незапаметен број на пожари на отворено. Како што рече, некои се од невнимателност, некои со намера, и потенцираше дека има доволен кадар за справување со истите.

– Имаме доволен број на пожарникари и доволен број припадници на Армијата и на МВР за да се справиме со пожарите, иако станува збор за огнена стихија која е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата којашто следи, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август. Не очекувам големи промени – изјави премиерот вчера по потпишување на договор за франшиза на „Тиквеш-инвест“ со хотелот „Холидеј ин“ во Кавадарци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот