Виното како храна, ќе се бројат калории, но и алергени и количина на сулфати

Ова значи дека македонските винарници кои извезуваат на европскиот пазар мора да се подготват за новите правила. Покрај сулфатите винарниците ќе треба да ја наведат и хранливата вредност на виното на етикетата, како што е обврската за другите производители на храна. Меѓу другото на етикетата мора да има колку калории содржи на 100 милилитри и оваа информација ќе треба јасно да се наведе.

Нови правила на ЕУ. Од следната година производителите на вино во Европската унија ќе треба да истакнат многу повеќе информации на етикетата на задната страна од шишето. Станува збор за информации корисни за потрошувачите, како калориска и енергетска вредност, адитиви, алергени, но и сулфати кои биле користени за време на производствениот процес.

Ова значи дека македонските винарници кои извезуваат на европскиот пазар мора да се подготват за новите правила. „Слободен печат“ ги контактираше и мислењата се поделени. Дел од нив се подготвени за новите правила на ЕУ. Големите винарници веќе имаат нови етикети, а помалите велат дека има доволно време да се прилагодат на новите правила.

ЕУ налага правила но и решенија за етикетирањето на вината

Европските медиуми пишуваат дека оваа мерка е резултат на напорите на ЕУ да ги стави производителите на вино на исто ниво со другите производители од прехранбениот сектор што се однесува до обврската за информирање на клиентите. Сепак, на етикетата нема да мора да бидат истакнати сите информации, туку само основните – содржината на алкохол, потенцијалните алергени и нутритивните вредности на виното. Купувачите ќе можат да пристапат до други податоци користејќи ја задолжителната QAR код. Во случај виното да има повеќе од 10 милиграми сулфит на литар, на шишето ќе треба да се наведе дека го содржи овој пијалок. Оваа информација е важна бидејќи оваа супстанца (сулфурна соединение), која вообичаено го штити виното од расипување, може да предизвика алергиски реакции кај некои потрошувачи.

Од „Тиквеш“ за „Слободен печат“ велат дека секогаш кога се менуваат правилниците со кои е регулирана содржината на винските етикети тие навремено ги приспособуваат задните етикети на вината од целото свое портфолио.

-Тоа е неопходно за да може да ги пласираме нашите вина на домашниот и на странските пазари. Македонскиот правилник за означување на етикетите за вино со години наназад е усогласен со оној на Европската унија, па етикетите на вината на „Тиквеш“ ги содржат сите задолжителни, но и многу дополнителни информации. Истите вклучуваат тип и категорија на вино, информации за увозниците по земји, сите задолжителни знаци за амбалажа, бар код, нето количина и содржина на алкохол според пропишаните димензии, како и ознака дека виното содржи алергени (сулфити)- велат од таму.

Според нив како општествено одговорна компанија етикетите на вината на „Тиквеш“ содржат и текст за одговорна консумација на виното.

– Немаме обврска да декларираме нешто такво на самите етикети. По потреба, доколку се бара нешто специфично за одреден пазар, се вршат прилагодувања на информациите содржани на самите етикети. Дополнително, од пред неколку години, задните етикети на сите вина на „Тиквеш“ од премиум сегментот, содржат и QR код кој води до веб-страницата на „Тиквеш“, каде што се поставени информациите за виното од конкретната берба, вклучувајќи и локација и карактеристики на лозовите насади каде што е одгледано грозјето, сортите грозје, опис на виното, препораки за комбинирање со храна и сл- велат во винаријата.

Малите винарници пак немаат вакви податоци на етикетите, но велат дека лесно можат да се прилагодат на новите услови.

– Знаеме за новите услови кои ги пропишува ЕУ. Мислам дека тоа не е проблем кој не може да се реши- вели Стојан Илиев, од приватната винарница „Илиеви“ од Сопот.

Покрај сулфатите винарниците ќе треба да ја наведат и хранливата вредност на виното на етикетата, како што е обврската за другите производители на храна. Меѓу другото, колку калории содржи на 100 милилитри и оваа информација ќе треба јасно да се наведе.

Како регионот го решава проблемот со етикетите

Српските винарници велат дека кај нив проблемот е што повеќето нивни производители никогаш не работеле под овие услови.

-Големите винарии секако ќе можат да ги направат овие промени. Останатите ќе треба да купат дополнителна опрема и да го приспособат производството според овие барања, како и да ангажираат експерти, енолози- велат српските експерти.

Но, не само производителите од Србија, туку и Италија, Шпанија ќе имаат потешкотии во адаптацијата… Decanter, најпознатиот светски вински магазин, објави дека дискусиите на оваа тема започнале пред неколку децении, а винскиот сектор успеал да ја избегне оваа обврска до неодамна..

Како што објаснува за „Политика“ Стеван Рајта, директор на Здружението на винари и лозари на Србија, новите правила на почетокот би можеле да донесат значително зголемување на трошоците не само за производителите во Србија, туку и за другите. Тој истакна дека ЕУ сака да ги провери вината што влегуваат во нивниот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот