Виктор Димовски, директор на АНБ/Фото: Влада на РСМ

Виктор Димовски сè подалеку од Париз?

Дали поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски ќе замине за амбасадор во Париз, се очекува да биде појасно идната недела, за кога се закажани консултациите меѓу шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Заминувањето на Димовски за амбасадор во Франција стана спорно по скандалот со издавањето македонско државјанство за рускиот олигарх Олександр Онишченко, кој е на црната листа на САД, што се случи за време на неговиот мандат на чело на АНБ.

Шефот на дипломатијата Османи, на прашање на „Слободен печат“, изјави дека веднаш по Божиќ, на 9 јануари, за Димовски и за списокот со предлози за пополнување 14 амбасадорски места, ќе има средба со Пендаровски и со Ковачевски.

– Планирано е некаде на 9-ти, веднаш по празниците, со претседателот и со премиерот да седнеме, не само на таа тема, туку за целиот список што јас го имам испратено за 14 нови кандидати за амбасадори. Се разбира, тоа е предлог што ќе треба да се филтрира, меѓутоа, за целиот список, вклучително и за амбасадорот во Париз, ќе се разговара од 9 јануари. Вчера комуницирав со нив на оваа тема и се договоривме дека веднаш по празниците да седнеме и да разговараме за целиот список – ни изјави Османи.

Пендаровски чека информации од МНР

Од кабинетот на Пендаровски за „Слободен печат“ велат дека за Димовски чекаат МНР да достави информации и го повторија ставот дека одлуката дали тој ќе биде упатен во Париз, ќе ја донесат по консултациите.

– Одлуката за упатување на Виктор Димовски, ќе биде донесена во консултации со премиерот и со министерот за надворешни работи. Од Министерството за надворешни работи не се доставени информации до претседателот за комплетирање на постапката за упатување на Виктор Димовски за амбасадор во Париз – велат од кабинетот на Пендаровски.

Пред речиси еден месец, од кабинетот на шефот на државата изјавија дека Пендаровски ќе изврши дополнителни консултации дали ќе даде виза Димовски да замине за амбасадор на Македонија во Франција, независно од фактот што Република Франција пред неколку месеци даде агреман за поставување на Виктор Димовски за амбасадор на Република Северна Македонија во Париз. Шефот на државата токму поради скандалот „Онишченко“ смета дека е потребно да се направат дополнителни консултации со Ковачевски и со Османи. По ова, и Османи изјави дека по скандалот со државјанството, за Димовски одново ќе треба да се процени состојбата и да се донесе одлука која ќе биде политичка.

Во зависност од одлуката на Пендаровски, Ковачевски и Османи, ќе се знае дали процедурата за испраќање на Димовски во Париз ќе продолжи. Доколку Димовски не добие виза, процедурата прекинува и за амбасадорското столче во Франција ќе треба нов предлог. Доколку, пак, тројцата одлучат дека нема пречки Димовски да замине во Франција, тогаш процедурата треба да продолжи во собраниската Комисија за надворешна политика, бидејќи е добиен агреманот и тезите се одобрени. Претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски, веќе изјави дека фразата „системски пропуст“ (утврдена од извештајот на новиот директор на АНБ Зарко Милошевски од затворената собраниска комисија) при доделувањето на државјанството на Онишченко, носи со себе објективна одговорност, а таа може во најголем дел да се лоцира кај поранешниот директор Димовски, во самата поставеност на работите и пропустите што доведувале до вакви скандали.

Милошоски: Димовски е искомпромитирано решение

– Пендаровски, Ковачевски и Османи треба сериозно да размислат за упатувањето на Димовски за амбасадор во Париз. Очигледно е дека овој голем скандал остава една голема безбедносна компромитација и не би требало во една од клучните членки на НАТО и основач на ЕУ, Франција, да имаме така компромитирано решение и апелирам да понудат друго решение за амбасадор во Париз – рече Милошоски по седницата на која новиот шеф на АНБ Милошевски реферираше за случајот „Онишченко“.

Онишченко го доби македонското државјанство во време на директорувањето на Димовски со АНБ, која беше една од четирите институции што даде позитивно мислење за Онишченко да добие македонски пасош. По скандалот, Владата му го одзеде државјанството на Онишченко, а и по двата извештаи изработени од АНБ, еден од Димовски и еден од новиот директор на Агенцијата Милошевски, јавноста не доби одговор чија е одговорност за пропустот олигархот да добие македонско државјанство бидејќи седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на безбедносните служби се одржа зад затворени врати поради класифицираните информации.

Извештајот на АНБ за Онишченко треба да се најде и на затворена седница на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот