
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Марјан Ненов, граѓански активист: За наплата на долгови незаконски се одземаат цели плати и пензии
Ако има незаконско работење на извршителите, граѓаните треба да се обратат во Комората на извршители, или во Министерството за правда, советува Ненов
На ниту еден граѓанин не може да му се одземе цела плата за да се наплатат долгови, а такви примери има и за таквото незаконско работење на извршителите, граѓаните треба да реагираат, вели Марјан Ненов од „Но пасаран“. Во разговор за Слободна ТВ, тој упати критика и до Комората на извршители, за која вели дека место како коректор на работењето на извршителите, се поставува како нивен адвокат.
Препорачано
– На секоја пријава и поплака од граѓаните до Комората, тие гледаат начин како да ја одбијат пријавата, а не како да го коригираат извршителот да работи законски. Имаме случаи на незаконско работење каде што цели плати и пензии биле извршувани. Човек мора да има некои основни месечни примања за да преживее. Ако вие му земете три плати по ред, вие сте го убиле човекот – сте го изгладнеле, немал за облека, немал за лекови, пак немал да плати сметки – вели Ненов.
Но, како што вели, граѓаните треба да прават притисок и масовно да пријавуваат незаконско работење на одредени извршители, а втората адреса каде што може да се обратат е Министерството за правда, кое ги издава лиценците.
Во однос на последната одлука на Уставниот суд со која се врати старото законско решение според кое нема краен рок на застареност во извршувањата, односно наплатата на долговите, Ненов вели дека граѓанскиот сектор е збунет и разочаран.
– Она што нè збуни и што нè разочара е што Уставниот суд прво одлучи дека законот е во ред, па потоа, по неколку месеци, дека не е во согласност со Уставот. Ние имаме повеќе опции, имаме предлог-закони од граѓаните што пристапуваат до нас, а кои се правно потковани. Ние таквите решенија ќе се обидеме да ги „избоксираме“, да им ги понудиме на пратеничките групи што би ги дале во Собранието. Можеби ќе направиме и едно обично собирање потписи, кое треба да им покаже на политичките партии колку граѓаните се револтирани и колку сакаат да го решат овој проблем со финансиското ропство – вели Ненов.
Според него, голем дел од долговите се неосновани. Како пример, ги посочи долговите кон Топлификација за оние што се исклучија, а кои мораа да плаќаат паушал.
– Вториот проблем е што предметите за извршување се со неправилни достави. Секоја втора достава од нотари беше неправилна, односно не беше доставена на адресата на личната карта на евентуалниот должник, или не беше воопшто доставена, а пишуваше дека е доставена. Ако граѓанинот на ова се жали, се оди на суд, а ако не, на извршување. Потоа на основниот долг се надоврзуваат трошоци за извршување, трошоци за адвокатско друштво, за нотарот и на крај за извршителот. Кога тие трошоци ќе се соберат, може да бидат поголеми и од основицата – вели Ненов.
Тој прашува зошто фирмите од државата имаат рок за наплата од три години, а таквото право го немаат другите.