
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Тамара Волческа: Макфестовската „Кажи ми да знам“ настана кога се разведуваа моите родители
Тамара Волческа е релативно ново, но веќе докажано име на македонската музичка сцена. Девојка која освојува со секој свој настап, а тоа го направи и на последното појавување на фестивалот Макфест, каде настапи со песната „Кажи ми да знам“. Во утринската емисија „Слободен печат“ таа зборува за своите гледишта за среќата, музичките вкусови, настапи по ноќните клубови.
Препорачано
Разговорот го започнавме емотивно и искрено, а таа зборуваше за приказната која се крие зад макфестовската „Кажи ми да знам“. Како што самата вели песната има огромно значење за неа токму поради тоа што е нејзина лична и интимна приказна.
– Песната има големо значење за мене лично, за мојот живот, за мојата приватност, за моето семејство, за мојата фамилија. Приказната со „Кажи ми да знам“ започна уште пред две години, можеби повеќе. Тогаш ја напишав во еден бурен семеен период. Моите се разведуваа, татко ми замина од дома. Ми недостигаа многу работи коишто за едно дете, посебно за една ќерка, која без оглед на тоа што има 25 години се одвоила од дома и продолжила со самостоен живот. Ми беа потребни работи коишто не ги добивав. Така што, песната на некој начин му ја посветив на татко ми. Затоа што сметам дека, со тоа што зборувам, испраќам и пораки до некој, кој можеби се нашол во таква ситуација, ако не на детето, можеби ќе помогнам на родителот. Пораката е дека родителите секогаш ни се потребни. Што и да се случува, сепак ни се потребни. И можеме да се караме или да имаме различни верувања и ставови до 101 година и назад, но на крајот на денот, ако не сме ние тие коишто ќе бидеме тука едни за други, тогаш нема потреба ни да разговараме. Ако едниот мој родител успеал да остане на патот и да биде тука за неговите деца, претпоставам дека и другиот треба да го прави истото. Така што, оттаму ми потекнува приказната. Затоа имав и една строфа во целата песна: „Некој дом свој напушта, стара врата затвора, а каде си ти? И кога дете мало е и кога ништо не знае, кој го учи вака?“-изјави Тамара.
Една од најпосакуваните желби меѓу луѓето е да се среќни, а Тамара има навистина убава слика за тоа што ја прави среќна. Сака сите кои ѝ се блиски да бидат среќни со неа и да биде прифатена.
– Среќа за мене е кога ги гледам среќни оние што ги сакам, вклучувајќи се и себе. Претходно не бев себична. Не е себично да сакаш да си среќен. Порано ми беше важно само да ги гледам моите среќни и оние што ги сакам најмногу. Но сега би се ставила и себе таму. Затоа што ако јас не сум среќна, тие и да се најсреќни на свет, не би можела да ја препознаам нивната среќа. Така што секоја насмевка што во денот ќе ја слушам, видам или ќе ја предизвикам, мене ми е најголемо задоволство. А, тажно е, тоа што сите живееме со очекувања. Колку и да зборуваме за некоја безусловна љубов, почнувајќи од онаа родител – дете, партнер со партнер, сите имаме некакво очекување. Јас ќе бидам горд родител, ако ти си доктор. Ако ти тоа не го правиш, јас нема да бидам … и така условуваме сите на некој начин. Но, тагата настанува кога не се прифаќаме. Ако сум среќен човек, ќе ја пуштам таа светлина, ќе знаете сите дека сум среќна, ако сум тажна, така и ќе зрачам. Така што треба да се бориме за првото – вели Тамара.