
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Спасеновски: Половина час седење го забавува метаболизмот за 70 отсто
Маријан Спасеновски е млад специјалист по физиотерапија во Македонија. За „Слободен печат“ ја раскажува своја пасија кон физиотерапијата и желбата за помагање, едуцирање и рехабилитирање на луѓето кои имаат физички проблеми и болки. Спасеновски е специјалист по физиотерапија, кој работи со напредниот метод „Мулиган“ (Mullighan).
Препорачано
За техниката вели дека има преку 250 различни пристапи кон телото и се применува за мобилизации на сите зглобови, коски и мускули, со цел елиминација на болки или какви било други проблематики во телото.
-Техниката е делотворна и помага на луѓе кои имаат проблеми што ги носеле со години. После тоа задоволството е огромно и за мене и за пациентите. Медицината и физиотерапијата се едни од најблагодетните професии за мене бидејќи можеш да им помагаш на луѓето – објаснува Спасеновски.

Тој постојано учи и се надоградува. Ја работи и новата „скрот-техника“ (Schroth) којашто се грижи младата популација да има убав и прав р’бет. Станува збор за техника со која преку тридимензионално дишење и корективни вежби се доаѓа до прав р’бет без сколиоза или кифоза. Исто така работи со други техники како ПНФ, „тапинг“, „флосинг“, „ергон“, киропрактика (PNF, Taping, Flossing, Ergon), со цел соодветна рехабилитација на телото.
Спасеновски објаснува дека постарите генерации имале други работни навики и други болки, кои повеќето од нив ги таложеле и ги третирале со апчиња. Главниот виновник за него е менталитетот во кој живееме.
-Менталитетот не ми е јасен. Голем дел се со мислата „ете, ќе помине“. Не поминува. Значи, се таложи, може да се пролонгира. Самиот аналгетик, самата конвенционална медицина, да. Убаво е апче да се напие човек кога има болка, но не пијте таблета пред да дојдете кај мене, мене ми треба човекот со болка, за да знаеме да го решиме проблемот. Апче се пие доколку јас во моментот не сум достапен – објаснува тој.

Разговарајќи за проблемите и навиките на новите генерации, Спасеновски вели дека најчест проблем кај младите е искривениот `рбет.
-Сè повеќе се присутни проблемите околу кичмата, дископатијата, дискусхернијата, лумбо-ишијалгијата. Сите тие болести се производ на секојдневието. Сè повеќе се седи. Половина час седење го намалува метаболизмот за 70 отсто – вели Спасеновски.
Тој додава дека чувството на болката е индикатор дека нешто не е во ред со телото и дека таа ни навестува дека има проблем кој бара решевање.