
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Скерлев: За разлика од Скопје, Лондон пред три века имаше олку загаден воздух
Загадениот воздух во Лондон познат како „Големата лондонска магла“ што се случи во 1700 година влезе во светската историја. Тоа имало сериозни последици по здравјето на граѓаните, но и врз економијата. Тогашните власти веднаш почнале да преземаат мерки, потсетува Жанета Скерлев, колумнистка и дописничка за „Слободен печат“ од Лондон.
Препорачано
-Во 1700 година Лондон влезе во светската историја. Тогаш во Лондон се случи „Големата лондонска магла“. Развиените индустриски земји во 20 век кои го достигнаа врвот на стапката на загаденост почнаа да преземаат сериозни чекори и да бараат алтернативни извори на енергија. Во Англија јагленот е исфрлен од употреба, Лондон се грееше и на дрва и на јаглен, но денес тоа е забрането со закон. Сега електричната енергија се добива од ветерници, гас, мал број хидроцентрали. Низ градот може да се забележи дека и покрај тоа што ние немаме многу сончеви денови овде, голем број домаќинства имаат поставено сончеви колектори – вели Скерлев.
Урбанизмот во Лондон дополнително е важен сегмент во тоа што се дише чист воздух, објаснува Скерлев, која, како што вели, ако градот се погледне од птичја перспектива, ќе се забележи дека се шири со ниски куќи во периферијата, односно не се гради концентрирано само во централното градско подрачје.
-Над 50 отсто загадувањето во градот го прават возилата, беше констатирано во најновите истражувања, затоа локалните власти го подобрија јавниот градски превоз, при тоа предност им се даде на велосипедистите и на пешаците. Имаме во населбата Лејтон многу интересна иницијатива по холандски модел, каде возилата се забранети во центарот на градот, дозволен е само јавниот превоз, автобуси, возови, метроа и тоа покажа многу убави резултати во однос на квалитетот на воздухот – рече Скерлев.