
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Шабан Салиу: Обвинет сум за непостоечко кривично дело
Обвинет сум за непостоечко кривично дело, каде што мене и на другите директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од Основното јавно обвинителство(ОЈО) ни се става на товар како каузалитет заедничко делување, иако јас не ги познавам бидејќи тие се поставени на функцијата по мене, вели актуелниот министер без ресор, Шабан Салиу, кој е еден од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Салиу е обвинет во „синџирот на одговорност за пожарот во Кочани, кој меѓу другите ги опфаќа и поранешните директори на ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џеват Селами. Овие четворица се обвинети бидејќи од 2012 година не распоредиле инспектор за заштита и спасување во Кочани.
– Јас бев директор на дирекцијата во периодот од 2008 до 2017 година. Кога ресорниот инспектор замина во пензија, ние доставивме барање за вработување друг до Министерството за финансии, но тоа никогаш не се реализираше. Во 2012 година имаше вонредни избори, а така беше и во 2014 година, а потоа почна и „шарената револуција“ и сите знаеме како функционираше нашата држава во тој период. И не само за Кочани, инспектор не е поставен и во други градови. Но, не е точно дека да имало инспектор, немало да се случи несреќата во Кочани. Објектот во кој функционирало кабарето е фантомски објект, кој функционирал без лиценца, без дозвола за работа, со фалсификуван елаборат. Никакво барање за дозвола во Дирекцијата за заштита и спасување не е пристигнато за овој објект, за да преземат нашите вработени какви било активности. Впрочем, и јавниот обвинител тоа го потврди на прес-конференција – вели Салиу.
Тој смета дека обвинението против него е поднесено за да се задоволи јавноста дека некој актуелен министер е опфатен со истрагата.
– Одговорно тврдам дека одлуката да бидам ставен во притвор, а потоа и да бидам обвинет е направена со цел да се покаже дека Обвинителството презема акции и против актуелни министри. Да имав јас пратеничка група од пет или седум пратеници, немаше да ме обвинат, но бидејќи немам, ме притворија. Инаку, сите директори од Државниот инспекторат беа ослободени од обвинението, поради тоа што во законот експлицитно стои дека инспекторите се независни во својата работа. Зошто истото не важеше и за нас, за директорите од Дирекцијата за заштита и спасување? – прашува тој.
Салиу смета дека по поднесениот приговор од неговиот адвокат, судот набргу ќе го отфрли обвинението против него, но и против другите директори на ДЗС и на тој начин правдата ќе биде задоволена. Што се однесува до прозивките во јавноста дека тој треба да поднесе оставка на министерската функција од морални причини, тој вели дека не чувствува вина, па затоа и не чувствува морална одговорност.
– Што ако набргу се докаже дека не сум виновен, а сум поднел оставка. Јас сум министер без ресор за имплементација на акцискиот план на Владата за инклузија на Ромите. Тоа е најсиромашниот слој во нашето општество и мојата работа е многу битна. Исто така, би сакал да кажам за прозивките дека сум користел службено возило за приватни цели, односно кога сум одел во суд каде што имам обврска да се пријавам. Судот е на пат од мојот дом до местото каде што работам и апсолутно не знам што тоа јас имам незаконски направено ако направам кратка пауза додека одам на работа – вели Салиу.
Актуелниот министер без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу е еден од 34-те обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 лица.