Владимир Трајчевски- еден од сопствениците на „Гоблин“ фото: Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Почнуваат да играат игри и на 50 години, што порано беше незамисливо, велат сопствениците на „Гоблин“

Иако денес социјалните мрежи се начин на комуникација, вистинската конекција и понатаму се случува околу масата, во живо со пријатели, семејство и друштвени игри.
Токму на таа идеја е изграден „Гоблин – друштвени игри“, најголемата продавница за „гејмери“, „гикови“ и љубители на поп-културата во Македонија.

Таму може да се најде огромен избор: друштвени игри, карти Magic: The Gathering, Yu-Gi-Oh и Pokemon, сложувалки, Funko Pop фигури, Dungeons & Dragons, акциони фигури и многу други уникатни производи.

Покрај тоа, „Гоблин“ е организатор на турнири во Hearthstone, државни првенства во Magic и Yu-Gi-Oh, Денови на друштвени игри, „гејм-викенди“ и уште многу настани кои ја збогатуваат домашната „гејминг-сцена“.

Стартувале во една мала гаража која се развила во голема продавница чии сопственици се тројцата другари Владимир Трајчевски, Самоил Петрески и Виктор Георгиев.

-Во 2001 г. прво почнавме во една гаража. Покрај другото, се знаевме и од музиката со Самоил и Виктор, бевме членови на бендот „Чиста околина“, исто работевме и во 103-ка,“ раскажува Владимир, еден од тројцата основачи.

„Гоблин – друштвени игри“, најголемата продавница за „гејмери“ фото: Драган Митрески

Тој додава дека првично сè започнало од ентузијазам и љубов кон игрите:

-Сме работеле на некои други помали работи, но прво што ни е посериозно, почнавме со „Гоблин“. Во тоа време тоа не беше некоја сериозна приказна, повеќе од ентузијастички карактер. Но со тек на време, како што се развиваше хобито во Македонија, така и нам ни стануваше повеќе и повеќе работа. Денес тоа ни е целодневна работа – вели Трајчевски.

Порано беше реткост фамилиите да доаѓаат и да бараат друштвени игри.

-Мислам дека се намали стереотипот кон игрите и повеќето сфатија дека овој дел од забавата има своја вредност – објаснува тој.

Владимир Трајчевски- еден од сопствениците на „Гоблин“ , фото: Драган Митрески

Објаснува дека сè почесто се случува луѓе на 35-40-50 години сега да почнат да играат, што порано било незамисливо. Еден од најголемите успеси на „Гоблин“ е локализацијата на странски игри на македонски јазик, иако постоеле стравови дека игри на македонски нема да бидат добро прифатени.

-Сега доаѓаат луѓе и викаат – ‘сакам Ticket to Ride на македонски’. Тоа е големо охрабрување, бидејќи локализацијата не е само превод, треба и да ја промовираш играта и да истраеш – велат сопствениците на „Гоблин – друштвени игри“.

За крај Владимир ни порача:

-Оние што играат игри, веќе знаат колку се забавни. Оние што не пробале, би сакал да ги охрабрам – пробајте, па видете сами – вели Трајчевски.

„Гоблин – друштвени игри“, најголемата продавница за „гејмери“ фото: Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот