
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Пириод Скопје“ : Во Македонија никој јавно не зборува за менструално здравје
„Пириод Скопје“ е неформална иницијатива основана во 2020 година од четири млади девојки, меѓу кои Анамарија Даневска и Наталија Крстевска со кои за „Слободен печат“ дискутираме за борбата против менструалната сиромаштија и менструалната стигма преку едукација, поддршка и нејзино застапување.
Препорачано
„Пириод МК“ работи на едукација, поддршка и застапување за правата на девојките и на жените во врска со менструацијата. Целта е да се разбијат митовите и табуата и да се обезбеди пристап до основни хигиенски производи за сите. Тие одржуваат работилници, дискусии и работат на будење на свеста на новите генерации.
Две од основачките на „Пириод Скопје“ – Анамарија Даневска и Наталија Крстевска, ни ја претставија важноста на едукацијата на вакви теми, кои сè уште и често се несфатени и стигматизирани кај жените и мажите.
Во интервјуто девојките ни ги споделија митовите за користењето тампони што „може да доведе до губење на невиноста“.
– Еден голем мит во Македонија е тоа што ако користиш тампони, тоа значи дека ќе ја изгубиш невиноста – објаснува Анамарија, една од основачките на „Пириод Скопје“.
Таа додаде дека објавата на социјалните мрежи за овој мит предизвикала неочекувана реакција, при што многу луѓе се спротивставиле.

Покрај многуте интеракции на овие теми со жени и девојки, тие на социјалните медиуми и на работилниците што ги одржувале, добивале голем број приказни на теми како првата менструација. Анамарија ни ја раскажа приказната што особено ѝ оставила силен впечаток:
– Девојки и жени ни праќаа приказни за нивната прва менструација, како се чувствувале во тој момент, дали биле исплашени, дали биле среќни. Имаше едно што на сите ни остави впечаток за девојка што прво јадела цреши, а подоцна во текот на денот ја добила својата прва менструација и мислела оригинално дека е од црешите.
Наталија истакна дека менструацијата во Македонија е табу-тема за која не се дискутира отворено, што доведува до непријатна атмосфера и недостиг на точни информации.
Таа и нејзините соработнички работат на тоа менструацијата да стане тема што ќе се зборува слободно и со факти.
– Менструацијата кај нас е тема за која не се зборува, не е некоја тема што можеме така едноставно да ја отвориме во кој било круг пријатели. Мора да е скришно, мора да е дома, особено со други жени и девојки, никако во присуство на момчиња – вели таа.

Покрај многуте теми, зборуваме и за менструалната сиромаштија како сериозен проблем во Македонија, за што девојките наведоа дека цената на менструалните производи и пристапот до хигиенските услови се предизвици за многу девојки и жени.
– Тоа е огромен проблем што зазема страшни размери кај нас, почнувајќи од цената на менструалните производи – велат тие.