Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Петар Георгиевски Камиказа: Откога песните ќе почнат да живеат тие стануваат народни

Во пресрет на двата мега концерти кои ги најавуваат членовите на нашата легендарна рок група „Меморија“, по цели 30 години пауза неодамна издадоа две нови песни и интензивно го подготвуваат материјалот за новиот албум. Во утринската емисија „Слободен печат“ гостуваше еден од основачите на бендот и борец за одржување на квалитетен музички звук меѓу публиката, Петар Георгиевски Камиказа, кој зборуваше за досегашните успеси на бендот и секако плановите за идниот период.

„За тебе“ е насловот на нивната нова рок балада, која веќе успеа да го најде патот до својата публика и уште еднаш да ги освои срцата на сите оние кои сакаат да го слушнат нивниот автентичен звук отсвирен од искусни и зрели музичари, какви што се членовите на „Меморија“.

– Голема храброст е да се направи нова песна и долго време размислував за овие неколку теми, од кои две веќе го најдоа патот до слушателите, а ќе следат уште 7-8 песни, меѓу кои ќе има песни од Ристо Самарџиев, Сашо Ангелов, Апостол Икономов и Давор Јордановски. Ќе се обидам да се изразам со тркачки манир, ова е исто како 30 години да не сте трчале маратон и решавате од утре, ете така ќе истрчам маратон. Стравот од тоа да не се повредите, да не го изгубите ореолот кој сте го носеле толку години, како човек кој направил такви хитови е навистина голем товар, но од кога помина „За тебе“ сè беше лесно, знаевме дека сме на правиот пат сите од бендот, особено јас, бидејќи ја повлеков прв ногата.

После „Одам по ѕвездите“, „Зошто Боже“, „Нашите слики“ … навистина требаше храброст за ваква рок балада, но таа почна да живее меѓу народот, одлично поминува за сега и се надевам дека на концертот во Штип на 1 јуни и оној што ќе следи на 16 ноември во Скопје ќе биде пеена исто како и овие хитови кои се стари веќе 30-40 години – вели Георгиевски.

Познати по неповторливата атмосфера и енергија на нивните концерти тие се подготвуваат за веројатно до сега најголемите шоуа кои ќе има прилика да ги види и почувствува македонската публика, два мега концерти кои ќе се одржат на 1 јуни во Штип и 16 ноември во Скопје.

-Јас не сум решен да правам по секоја цена концерти, минатата година само еднаш свиревме во Велес, ние правиме мега настани и овој што ќе биде во Штип ќе биде мега настан, тоа ќе биде концерт во Домот на млади. Таму „Меморија“ имаше еден од најуспешните концерти со преку 3200 билети, што не се случило на ниту еден друг од поранешните југословенски бендови да продаде толку влезници. Сега дојде време да им се оддолжиме на штипјани за тоа што нè почитуваа сите овие години кога бевме активни, тие знаеја да дојдат на концерти и во Охрид и во Скопје, штипјани се едни од најверната публика на „Меморија“ и затоа првите две песни од новиот албум ќе бидат изведени за првпат во живо токму во Штип – изјави за „Слободен печат“ Георгиевски.

Втората песна која ја објавија, а ќе биде дел од нивниот нов албум е всушност сплет на 4 македонски народни песни со патриотска содржина. Моќните вокали на Ристо Самарџиев и Апостол Поце Икономов ги пеат рефрените на познатите песни „Едно име имаме“, „За многу години Македонци“, „Заветна“ и „Налеј, налеј“.

-„Меморија“ на секој свој албум има по една обработка на македонска народна песна „Црна се чума зададе“, „Македонија“, „Параходот ми пристигна“ … значи секој албум ние правиме по една песна, овој пат напрвивме мешавина од неколку македонски бисери и нема причина да има коментари во смисла на тоа зошто ние обработуваме македонска музика, а каква да обработуваме? И јас многу интересна реченица напишав: „Која песна да ја пееме „нашата“ или „вашата“?

Еве „Дирлада“ која е со милионски тиражи, доживеа римејк на концертот 2017 година, е сега мислам дека има преку 7-8 милини прегледи. Не постои свадба македонска каде што не се пее и сега да речам: „Што ви е на вас само „Дирлада“ ли знаете да ја свирите?“ Едноставно откога песните ќе почнат да живеат тие стануваат народни – вели Георгиевски.

Целото интервју можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот