Кристофер Окиконе / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Окиконе, Американец-фоторепортер: Кога си во засолниште во Украина е како да си во казино

Вкупно 93 храбри фоторепортери преку фотографија ни раскажуваат потресни сведоштва од војната во Украина во книгата насловена „Украина: Воено злосторство“ (Ukraine: A War Crime). Еден од нив е фриленсерот Кристофер Окиконе, кој очи в очи со потресните сцени ги доловува трагичните моменти кои се случуваат во војната. Фотографиите, од вечерва,  на јавноста ќе и бидат прикажани преку изложбата „Украина: Воено злосторство“ во мултимедијаниот центар „Мала станица “ во Скопје.

 

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бачеванова куратор на „Украина: Воено злосторство“: Неправдите треба да се прикажуваат преку фотографија

– Многумина ги негираат некои работи кои се случиле, затоа јас преку фотографија сакам да докажам дека да, вистина се случи оваа страшна трагедија, навистина имаше бомбардирање и мртви луѓе, реална е сликата пред нас дека оваа зграда веќе не постои. Јас чувствувам одговорност да го покажам тоа на јавноста – вели Окиконе за „Слободен печат“.

Окиконе од почетокот на инвазијата фотографира, дел од неговите фотографии биле објавени во неколку медиуми, како австрискиот весник, „Економист“ и др. Целата негова работа можете да ја погледнете на неговиот инстаграм профил. Тој е многу подолго во оваа земја, веќе една декада живее во Украина.

– Гледав многу фотографии и слушав за руската револуција во 2014 година. Сакав да видам со свои очи, па видов дека има волонтерска бригада. Од дедо ми конкретно многу сум слушал за Советскиот сојуз и за тоа како тие ни се непријатели. Бидејќи не ја разбирав комплетно целата ситуација сакав да дознаам повеќе. Се здружив со еден војник, станавме многу блиски, како браќа, тој всушност го напиша воведот на моите фотографии во книгата. Во моментов додека јас зборувам тој се бори во војната – раскажува Окиконе.

Тој вели дека има два режима на работа за време на војната, на моменти го живее нормалниот живот на еден човек, а наеднаш ненормалното.

-Во Донбаск живеам во засолниште, но повремено одам и во Киев. Кога сум на фронтот сум во друштво на доктори, ги фотографирам истите луѓе со цел да направам една постојана приказна. На некој начин живеам со нив. Тоа е како да работите во болница и зависи од денот, може да е мирно, но наеднаш да ви донесат десет повредени. А кога сте во засолниште е како да сте во казино, немате претстава што се случува надвор. Неколку дена сте под земјата и може наеднаш доцна во ноќта да се случи експлозија. Кога ќе излезам надвор ми е чудно од светлото на денот. Кога се враќам во Киев се обидувам да живеам нормален живот, да трчам, да се рекреирам и секако да ги едитирам фотографиите, тогаш првпат ги разгледувам. Додека сум на терен не прегледувам ништо, го коритсам секој момент за да фотографирам – вели Окиконе.

Во случај кога се наоѓал на место коешто се бомбардира, фотографирањето било стресно, бидејќи луѓето тогаш биле многгу исплашени и во паника, објаснува нашиот соговорник. Откако ќе се случи трагедијата, како што вели тој, ништо не може да ве спречи да фотографирате освен самите вие, од вас зависи какви фотографии ќе направите.

-По извршен напад, луѓето се погодени од тага, изгубиле се во животот, можеби блиските, домот, не ве ни забележуваат дека вие фотографирате. Ваша е одлуката дали и кој момент ќе го овековечите, вие треба да процените што би можело да послужи како фото-доказ во иднина – рече Окиконе.

Страшно е колку станува човек рамнодушен и се навикнува на лошото, раскажува Окиконе, кој додава дека понекогаш за да се направи некоја фотографија се прескокнуваат мртви тела легнати на улиците, никој не ги трга оттаму.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот