
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Одблиску и лично со Џијан Емин: Не сакаме да бидеме елитистички оркестар
За помалку од еден месец во Сараево, на тамошниот џез-фестивал, ќе настапи нашиот Македонскиот национален џез-оркестар, заедно со Рамбо Амадеус. Тоа беше појдовна точка за разговор со диригентот на оркестарот, Џијан Емин.
Препорачано
По премиерата во Скопје и турнејата по Хрватска, светскиот мега цар Рамбо Амадеус заедно со Македонскиот национален џез-оркестар на 6 ноември ќе настапи на Џез-фестивалот во Сараево, што е само потврда дека станува збор за фантастичен спој, кој полека станува интересен и за пошироката публика во регионот.
– Концертот во Сараево е иницијална каписла да се случи соработката воопшто. Ние бевме на една европска џез-конференција што се случуваше во Софија, таму бевме јас и Гоце, и имавме средба и со Един Зубчевиќ, директор на Сараевскиот џез-фестивал. Пријатели сме одамна, уште од времето кога свиревме со Бодан, на крајот на 20 век. Нè праша: „Што правите, како правите?“ Му кажав дека имаме „Биг бенд“ и дека имаме идеја да направиме концерт со Рамбо. И тој кажа: „Ако го направите, ќе ве викнам да свирите кај мене“. И тоа беше супер поттик да го склопиме концертот. Го направивме прво во Скопје, се појави една опција да направиме турнеја по Хрватска, на Вис, во Шибеник, во Сплит… Беше супер, ептен добро. Се вративме дома со стомачни мускули.

Џијан смета дека Рамбо е супер музичар, супер интелект, кој совршено ја склопи музиката со книжевноста на високо ниво. Рамбо беше пријатно изненаден од професионалноста на Македонскиот национален џез-оркестар, скопскиот концерт е снимен и треба да биде објавен.
Претходно, оркестарот работеше со многу успех и со Дарко Рундек, а како свој проект Џијан ги преработи песните на „Дисциплина кичме“. Радост за сите – нови изненадувања за идни поколенија.
Веќе на 25 октомври Македонскиот национален џез-оркестар ќе настапи на отворањето на Загрепскиот џез-фестивал, со програма составена од дела на музичари од цела поранешна Југославија. Тоа дополнително ќе им ги отвори вратите на нашите момчиња во регионот. Програмата подготвувана за Загреб би требало да биде изведена и пред македонската публика.
Освен тоа, Македонскиот национален џез-оркестар веќе работи на програмата за следната година.
– Програмата засега е тајна. Тука се неколку светски имиња, неколку регионални, како и незаменливиот Влатко Стефановски, само се чека датум за неговиот настап со „Биг бендот“. Не сакаме да бидеме елитистички оркестар, кој ќе свири само џез за најголемите познавачи, туку музиката да се слуша како музика.

Џијан зад себе има богато музичко искуство. Најмногу го знаеме како член на фантастичниот „Проект Жлуст“, но и како дел од „Д.Н.О.“, па „Меџикл оркестра“ со кои наскоро ќе настапи на еден џез-фестивал во Португалија. Горд е на своето музичко минато и вели дека му недостасува таа енергија. И покрај тоа, го најде својот пат и во друга насока и изгради богата интернационална кариера, меѓу кои се соработките со Дерик Меј, Џеф Милс, Хуан Аткинс или Феми Кути, со кој настапи во Белград пред 25.000 луѓе.
„Сè беше музика“, ќе констатираше Арсен Дедиќ…