Бранкица Митерски, логопед/ фото: Драган Митрески/ Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бранкица: Логопетските кабинети функционираат како дуќанчиња

Изгор е одењето на приватен логопед, ретко кое семејство може да си дозволи да ја плати терапијата за своето дете што има проблеми со говорот. Стручните лица сами си ги одредуваат цените, а при тоа не добиваат никакви контроли, проверки за нивната работа, никогаш.

Зголемен е бројот на деца со задоцнет развој во говорот, констатира Бранкица Митерски, логопед и консултант за хранење.

Таа е прв и единствен сертифициран консултант за хранење во Македонија која ја нагласува огромната улога на начинот на хранење на детето врз неговиот говор.

– Треба да се внимава најмногу на тоа каков тип на храна се дава, не дали е здрава или не, тоа се потдразбира. Овде мислам на тоа дали детето ги користи биомеханизмите, дали џвака, дали јазикот функционира, дали образите се во функција. Со самото хранење, се вежба мускулатурата и после тоа децата имаат помалку проблеми при изговор на гласовите – вели за „Слободен печат“ Митрески.

Таа нагласува дека многу фактори влијаат на тоа што е зголемен бројот на деца со проблеми во говорот.

– Денес во една група од 10 деца можеби 60% имаат некаков проблем при изговор. Телефоните, брзото време, ангажираноста на родителите, долгото или често отсуство на родителите од дома, нестимулирањето на децата, сето тоа придонесува, но јас многу често знам да прашам дали дома се користат телефони? Децата се изложени на таква силна дразба, која е еднонасочна, не е интерактивна, како комуникацијата меѓу нас. Навистина, за жал, бројот на деца со задоцнет говорен развој е многу зголемен и е алармантен. Ова не треба да го игнорираме како проблем – вели нашата соговорничка.

Според Митрески најважно е да се врати редовната игра со децата. Таа апелира до родителите, бабите, дедовците… да поминуваат повеќе време со децата и со оние наједноставни базични игри од минатото.

– Најважно за едно дете да се развива правилно е играта. Треба повеќе да играме со децата, помалку да ги ставаме во искушение со телефоните, затоа што самите деца нас нè гледаат дека ги користиме телефоните, затоа што имаме работа со тие телефони и играта е апсолутно запоставена. Јас кога растев, нашата игра можеше да биде со тенџерето и лажицата од кујната, тестото на баба, една топка. Ние немавме кој знае какви играчки, но ја развивавме играта. Играта е многу важна за развој на говорот – рече Митрески.

Одењето на логопед е „луксуз“. Родителите често се соочуваат со серизоен проблем да не можат да го однесат детето на логопед затоа што им е скапо. Според Митрески системски е проблемот што цените се високи. Најголемиот проблем го гледа во тоа што логопедските кабинети функционираат на своја рака без скрининзи и контроли.

– Секоја чест за колегите што се во матичната институција во Завод за рехабилитација на слух, говор и глас, но тие не можат да постигнат затоа што имаат премногу дечиња кај нив. Ние во приватниот сектор не сме регулирани со ништо. Знам дека се правеа некакви обиди за тоа да се реши, но сè уште нема ништо околу тоа. Секој сам си ја одредува цената. Логопедските кабинети се сведени, ќе звучам грубо, но работат како дуќанчиња. Родителите немаат избор и го носат детето на приватен логопед. Нема секој пари да си ја дозволи услугата, а затоа и треба да добие професионална услуга за тие пари. Голем е проблемот во тоа што кај нас нема кој да ја проверува стручноста на кадрите. Не смееме да заборавиме дека ние влијаеме на иднината на едно дете – рече таа.

Постои здужение на логопеди кое функционира, но според Митрески на почетокот тоа било со засилено темпо, а со текот на времето сè повеќе се намалувал ентузијазмот. Како што нагласува таа, дури ни Светскиот ден на логопедите (4 март) не се одбележува, не се работи на едукација на населението за важноста на оваа услуга. Нотира дека постои многу слаба институционална поврзаност и дека како професија се ставени на маргините, без да бидат регулирани нивните услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот