
ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Илија Николовски, Партија на пензионери: Ја продолжуваме битката за закон за минимална пензија
За да се полни Фондот за пензиско осигурување, треба борба против сивата економија, борба против газдите на големите компании што го изигруваат системот и не плаќаат доволно
Законот за минимална пензија беше заложба на Партијата на пензионери и во време кога беше коалициски партнер на претходната влада. Претседателот на партијата на пензионери Илија Николовски, во разговор за утринската програма на „Слободен печат“, вели дека тие и понатаму се залагаат за вакво законско решение, како и за социјални пакети за најзагрозените пензионери. Притоа, Николовски нагласува дека како партија на центарот, која идеолошки не е оптоварена, иако не партиципираат во овој собраниски состав, тие имаат добри комуникации со ВМРО-ДПМНЕ и очекуваат поддршка за подобар стандард на пензионерите.
Препорачано
Пензионерите, пак, веќе ја трошат линеарно зголемената пензија од 2.500 денари. Според Николовски, тие секогаш се залагале за вакво повремено нивелирање, со цел да се зголемат најниските пензии, но дека подолгорочно, ова е неправично решение.
– Се залагавме за повремено линеарно нивелирање. Имаше многу голема разлика меѓу минималната и највисоката пензија и за тие со минимални пензии беше уметност да се преживее. И од таа гледна топка го поздравуваме линеарното зголемување како ад хок решение. Но, како системско, ова не е добро решение. Пензијата е економска, а не социјална категорија. За оние со минимални пензии, државата треба да има некои социјални пакети и треба да има пристојна пензија за да преживеат, или таканаречена државна пензија. Затоа, Партијата на пензионери се залагаше и се залага за да тоа се актуализира – да се донесе закон за минимална пензија. Со тој закон, минималната пензија би била 70 отсто од минималната плата. Па и да е 65 отсто би било попристојно од сега – вели Николовски.
Тој вели државата не води доволна сметка за да се полни Пензискиот фондот.
– За да се полни Фондот, треба борба против сивата економија, борба против газдите на големите компании што го изигруваат системот и не плаќаат доволно. А на тој начин Пензискиот фонд е ослабен. Ослабен е и од политички причини. На пример, со онаа мерка „Македонија вработува“ се вработија 20.000 граѓани, а државата иако презеде обврска, не им уплаќаше придонеси – вели Николовски.
Сепак, тој низ бројки информираше дека сега Пензискиот фонд е во најдобра состојба – во 2017 година минусот во Фондот за ПИОМ што се надополнувал од државната каса бил 49 отсто, а сега се движи околу 33 проценти.
Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го погоре.