
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Горан Герасимовски: Во локалната самоуправа нема место за политика
Во изминативе четири години покажавме како се води локална самоуправа. Многу поразлично од секое локално раководство и многу поразлично од секое локално раководство во која било општина. Четири години заедно со граѓаните, за граѓаните, креиравме заедно програми, буџети, голем број буџетски анкети, форуми, маалски средби, домашни средби со граѓаните каде ги слушавме нивните предлози и идеи, вели Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, кој на претстојните локални избори повторно ја бара поддршката од граѓаните на оваа општина.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“ Герасимовски тврди дека неговата работа се разликува од работата на сите други градоначалници, најмногу поради тоа што тој не ја меша политиката со локалната самоуправа.
– Ние четири години функциониравме како едно во Советот, без разлика која советничка група на која партија ѝ припаѓа. Ние сме можеби единствената општина што има претседател на Советот од друга политичка партија, конкретно од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Немавме проблеми во самиот Совет, можете да ги видите слободно достапни се седниците на Советот. Да видите како сме носеле буџети и сме решавале за проекти и тоа не се само предлози од градоначалникот и од една советничка група, туку сите добри предлози, без разлика од која страна дошле, беа вметнувани во програмите. И за тоа во самиот Совет, може да забележите, дека голем број на точки и предлози поминуваа едногласно. Буквално едногласно. Покажавме дека во локалната самоуправа не треба да се меша политиката. И така јас функционирам четири години и така планирам да продолжам и во наредните четири години. Покажавме големина и покажавме како треба да се води самата локална самоуправа – вели Герасимовски.
Актуелниот градоначалник на Центар додава дека е горд на себеси, затоа што за време на мандатот што изминува, успеал да врати поголем дел од наследениот долг на општината.
– Општината имаше долг од 2,5 милиони евра, задолжена беше дел од новото училиште „Киро Глигоров“ и од одредени други проекти што се правени во минатото. Тој долг е намален за 65 отсто. На почетокот на следната година, долгот ќе биде целосно вратен. Дополнително реализиравме 13 милиони евра, средства на граѓаните за граѓаните, за реализација на нова градинка, ново осветлување, ја реконструираме целосно салата на Работнички, имавме и големи капитални проекти повторно во интерес на граѓаните – посочи тој, додавајќи дека сето тоа е остварено без користење на службени автомобили и трошоци за репрезентација.
– Немаме службени автомобили, моето превозно средство е велосипедот, немаме непопуларни трошоци, патни трошоци, трошоци за кафеани, репрезентација. Сите тие средства, значи немам ниту еден денар потрошено изминатите четири години, ниту еден денар, ниту една кафеана, ниту едно патување платено од општината, а сите тие средства околу 30 до 40 илјада евра, се пренаменети за социјално загрозените семејства во општината. Покажаваме како треба и знаеме како треба и дополнително ако ме прашате зошто се кандидирам, поради тоа што имаме одлична програма којашто планираме да ја реализираме во наредните четири години за сите жители – вели Герасимовски.
Тој ветува дека веднаш по неговиот реизбор ќе започне изградбата на новата општинска зграда.
– Заврши конкурсот за идејни решенија, имаме три наградени идејни решенија, истите се разгледани од внатрешно-надворешната комисија која одлучи да ги избере овие три идејни решенија, планираме во текот на следната година со новиот мандат да ја отпочнеме и новата општинска зграда со три нивоа за подземно паркирање, со повеќе од 300 паркинг-места, со цел да го решаваме проблемот за паркирање во Дебар Маало. Паркирањето е проблем во секоја метропола, во секое централно јадро и централно градско подрачје, секој ден бараме начин да го решаваме тоа. Планираме во истата зграда да има катчиња каде што ќе можат граѓаните слободно да ја посетуваат, да одвојуваат време, да прават проекти за невладиниот сектор, да има посебно катче кое што бесплатно ќе се користи – додава градоначалникот.
Тој е дециден дека ќе води позитивна кампања во предизборниот период со полна почит за своите политички противници.