Нермина Факовиќ / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Факовиќ: Жртвите на насилство бесплатно се прегледуваат, не им треба ниту лична карта

Кои се надлежностите на Министерството за здравство во однос на Законот за заштита од семејно насилство? Кои се правата на жртвите коишто се дел од семејното насилство? Што е со сексуалното насилство? Дали имаат жртвите бесплатна здравствена заштита? Утрово во емисијата „Слободен печат“ на оваа тема зборуваме со Нермина Факовиќ, раководител од Министерството за здравство. Таа вели дека последен пат донесен е нов закон во 2021 година и во него се вметнати надлежностите на Министерството за здравство.

-По ратификување на Истанбулската конвенција, сега веќе далечната 2018 година, нашата држава мораше обврските да ги преземе од конвенцијата, односно да го усогласи законодавството. Во таа насока се направи еден акциски план каде што сите Министерства учествуваат и каде што сите Министерства добија надлежности. Од нив произлезе новиот Закон за заштита и спречување на жртви на семејно насилство и други форми на родово базирано насилство каде што влегува и сексуалното насилство – вели Факовиќ.

Таа објаснува дека кога една жртва на семејно насилство ќе се обрати во јавна здравствена установа, услугите за неа се бесплатни. Тоа е најголемата придобивка со овој закон и спаѓа во надлежностите на Министерството за здравство.

– Жртвата не мора да има никаков документ за идентификација, затоа што често пати знаеме дека жртвата кога ќе доживее насилство, бега од дома, некогаш и без една „кондура“, да не разговараме за здравствена легитимација или некој документ за идентификација. Жртвите се прифаќаат без никаква пречка во здравствените установи. Во моментов, има три вакви центри каде што може да се пријават. Тоа е Клинички центар, односно Клиниката за гинекологија, во Куманово и во Тетово – вели Факовиќ.

Таа објаснува дека за да функционираат овие три центри, потребно било да се развие документ како сè функционира бидејќи третманот на жртвите за сексуално насилство бара пристап кој е специфичен, ориентиран кон нивните потреби и желби.

Нермина Факовиќ /
Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

– Развиваме стандардна оперативна процедура и кога една жртва ќе дојде во центарот, дали ќе дојде сама или ќе дојде во придружба со некој од невладина организација или прво пријавила во полиција, полицаецот треба да ја донесе во овие центри. Битно е да кажеме дека тие работат 24 часа без разлика кога и да се случи, можат да пријават – вели Факовиќ.

На прашањето дали насилникот се пријавува по службена должност, раководителката вели дека согласно Истанбулската конвенција, желба на жртвата е кога ќе го пријави и дали ќе го пријави сторителот.

– Она што е најважно, прво, ѝ се укажува здравствена помош. Затоа што на жртвите на насилство неопходна им е здравствена помош. Честопати жртвата сама и не го препознава насилството, затоа што насилството секогаш не е само повреда, има разни облици на насилството. И на физичко и сексуално насилство, претходи психичко или емотивно насилство или злоупотреба. Тука треба да го препознаат и тука треба многу да работиме – вели Факовиќ.

Нермина Факовиќ /
Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Првата врата во здравствениот систем е секогаш примарната здравствена заштита, вели раководителката, тоа се матичните лекари, семејните лекари. Матичниот лекар или психолог, психијатар, доколку жртвата му се повери дека има психичко или физичко насилство, по службена должност мора да го пријави злосторството.

– Свесни сме дека професионалците се соочуваат со бариери при пријавувањето, затоа што насилникот потоа знае кој ги пријавил, меѓутоа се трудиме некако да ги надминеме овие проблеми со коишто се соочуваат и професионалците – вели Факовиќ.

Факовиќ има препорака до сите жени дека мора да го препознаат насилството во која било фаза, и кога е емоционално, и кога е психичко насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот