Никола Дукоски/Фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дукоски: Дете со попреченост има потреба и од личен и од образовен асистент

На кого сè му следува образовен, а кому личен асистент? Кој ги плаќа личните асистенти? Кога е вистинското време одредено дете да добие личен асистент? Дали следува и во основно, и во средно образование? Меѓутоа, и која е потребата од психолошка поддршка на тие деца? Во емисијата „Слободен печат“ разговараме со Никола Дукоски, гелштат психолог од „Себесложувалка.“
Дукоски вели дека за една личност да стане образовниот асистент мора да е високообразована и да е од профилите на специјален едукатор или рехабилитатор од општествените науки, педагог, психолог, предметен наставник или наставник со завршена Педагошка академија.

– Личниот или образовен асистент прави адаптација на содржината или индивидуален образовен план на ученикот. Заедно со стручната служба и со наставниците, образовниот асистент го спроведува наставниот план и е на некој начин директен тутор на учениците коишто имаат потешкотии – вели Дукоски.

Тој објаснува дека според Законот, еден асистент може да има тројца ученици.

– Доделувањето на образовен асистент е преку Меѓународната класификација за функционалност, тоа е скратено МКФ. Ние припаѓаме под Министерство за образование, а сме вработени во ресурсните центри, училиштата за посебни потреби со ресурсни центри, и тие директно нè распоредуваат по училиштата каде што има потреба. На еден ученик може да му следува и личен и образовен асистент, секако со примарен фокус на образовен асистент во школската установа или за домашните потреби, следува и личен асистент – вели Дукоси.

Тој вели дека годинава има околу 800 образовни асистенти на ниво на цела Македонија.

-По моја евиденција, бројката е мала и не ги задоволува целосно потребите. Мислам дека има потреба за повеќе асистенти бидејќи бројката на ученици со посебни потреби расте, а расте и бројката на асистентите, но некако полека – вели Дукоски.

За едно дете да добие образовен асистен треба прво да се пријави преку МКФ. Тоа е релевантен документ и е единствен преку кој се добива образовен асистент кој се доделува преку ресурсните центри. Дукоски вели дека процедурата не е тешка, но на некој начин е комплексна со самиот начин на чекање.
На прашањето дали еден асистент во текот на образованието опслужува еден ученик или секоја година се доделува некој друг, Дукоски вели дека тоа зависи од многу фактори.

– Во оваа ситуација многу значајно е да има барем одредена доза на континуитет, бидејќи честите промени знаат да направат кај децата нетрпеливост, неприфаќање на целата средина. Не секогаш, но се случува секоја година детето да добие различен асистент. Некогаш промени мора да постојат и се добри за детето, да не влезе во истиот шаблон, на којшто навикнало – вели Дукоски.

За неговата работа како гелштат психолог вели дека работи со деца над 7 години, бидејќи предходно, пред таа возраст, децата се само фигура на односите кои се случуваат внатре во семејството или најчесто помеѓу родителите.

– Децата на оваа возраст веќе се справуваат и со свои работи, со средината којашто е школска. Тука секогаш е вклучено и семејството и на еден начин не може да биде изоставено. Родителот е секогаш насочен да ги задоволува потребите на детето, бидејќи се неопходни, но се испушта моментот на емоционална состојба или на она што детето го сака, каде што сака да се реализира во рамките на возраста – вели Дукоски.

Тој вели дека често родителите се срамат од тоа што излегло на сесијата, но тоа е показател дека детето се чувствувало доволно комотно на сесијата да го изрази сето тоа што го носело од дома. На прашањето дали постои стигма бидејќи до пред 10 години многу малку децата се носеа на психолог, тој вели дека веќе нема стигма бидејќи родителите барат уште еден начин на кој можат да бидат поддржани.

Дукоски им препорачува на родителите, но и на децата, дека психологот не е нешто страшно, дека треба да се посети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот