ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Децата и велосипедистите се најчести жртви на каснување од кучиња

Во просек шест каснувања од кучиња дневно се пријавуваат во нашата држава, но бројката е сигурно поголема со оглед на тоа што постојат случаи кои не се регистрирани во полицијата. Светската здравствена организација нотираше епидемија на угризи од кучиња. На што се должи зголемениот број на несреќи од ваков тип во Македонија и кој е виновен кога куче ќе нападне човек, кучето, сопственикот или системот?

На оваа тема разговараме со Илија Петковски од здружението на граѓани „Откритие“ и д-р Ангелчо Андоновски, педијатар, кои се дел од актуелната Програма за поддршка и заштита на жртви од напади од кучиња во соработка со Центарот за благосостојба на миленици.

Целта на оваа програма е пред сè да го едуцира населението за одговорно сопствеништво, за односот и третманот на бездомните животни, граѓаните од најмала возраст, но и возрасната популација ќе добијат едукација за тоа како треба да постапат во случај на угриз на куче, каде да се обратат за медицинска нега, но и за правна помош, велат за „Слободен печат“ нашите гости.

-Кучињата најчесто ги напаѓаат децата, првично поради стравот кој не можат да го скријат и второ, дека во тој момент кучето го гледа детето како непријател. Во рамките на програмата мојата цел е да појаснам што се случува по угризот и третманот на таа рана. Да ја едуцираме јавноста за каков е патот на заштита бидејќи голема е веројатноста кучето што нападнало да има болести, а знаеме дека за голем број од болестите кај кучињата, посебно за беснилото, дека не постои соодветен лек којшто би го спречил исходот кој може да биде и смртоносен – вели д-р Андоновски.

Англелчо Андоновски - Педиатар . Фото - Слободен печат / М.Здравев
Англелчо Андоновски – Педиатар . Фото – Слободен печат / М.Здравев

Контролата на сопствениот страв во случај на соочување со куче кое сака да нè нападне е клучната реакција, вели докторот, кој појаснува дека не смееме да му покажеме слабост на животното, треба да се соочиме со него, да му покажеме авторитет.

Според Петковски, пак, зголемениот број на гризнувања од кучиња, вклучувајќи ги и домашните миленици се должи на пропустите во одговорното сопствеништво.

-Мораме да научиме дека уличното куче не може да биде домашен миленик. И во литературата стои јасна дистинкција што е домашен миленик, а што улично куче. Ние инсистираме на тоа кучето да не биде издвоено, како што денес, за жал, има некоја тенденција да се издвои од сите други животни како да е „полубог“ или „замена за човек“, за човечко битие, за партнер, за дете, за она што недостасува во животот. Кучето не може да одговори на таа потреба, преголеми очекувања имаат луѓето од кучињата. Кучето е животно, 99% од ДНК на кучињата е идентична со волкот, дури во некоја литература се смета како подваријанта на сивиот волк. Сакаме да ги мотивираме луѓето да земат миленик, но кога се кажува миленик, не е миленик еднакво на куче, куче е огромна одговорност и огромни трошоци, тоа мора да се знае и да се прифати – вели Петковски.

Илија Петковски - стилист за миленици. Фото - Слободен печат / М.Здравев
Илија Петковски – стилист за миленици. Фото – Слободен печат / М.Здравев

Тој додава дека луѓето кои на правилен начин чуваат куче многу полесно ќе се снајдат во случај да се најдат во ситуација да бидат потенцијална жртва на угриз од куче, бидејќи ја познаваат кучешката психологија.

Заедничкото нешто кај бездомните животни, како кучиња, мачиња, гулаби, глувци, е тоа што самостојно се прехрануваат, вели Петковски, кој е категоричен во тоа дека не треба да им се фрла храна на уличните кучиња.

-Бездомните животни во Скопје, без разлика кој вид, а ги има многу, сите се хранат самостојно, се снаоѓаат и се исхрануваат од нашиот смет. Тоа значи дека сликата за тоа колку сме средени, како држава, односно аналогно на бројката колку средени депонии ќе имаме, толку ќе биде помал број на бездомни кучиња, бидејќи има и математичка формула во литературата, која ја прави таа кореспонденција помеѓу депониите и бројот на бездомни кучиња, конкретно кои ќе живеат на неа. Тоа е многу важен фактор, дека тие животни имаат предиспозиции, илјадници години, тука зборуваме за генетика, овие кучиња што ги имаме денес, имаат 100% капацитет да се снајдат за јадење и нема да умрат од глад. Затоа мојот став е јасен по ова прашање, луѓето не треба да им даваат храна – рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот