
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Никчевска: На одмор понесете пробиотици и електролити, антибиотик „за секој случај“ не ви е потребен
Лето, време за одмор. Планина, езеро или море, високи температури. Но и можност за расипување на храна и појава на стомачни вируси. Што ако станува збор за дете? Кога е време да се посети лекар? Има ли разлика помеѓу вирус и труење од храна? Што е целијакија? На овие теми, разговараме со доктор Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар, гастроентерохепатолог од приватната болница Аџибадем Систина.
Препорачано
Таа вели дека летото е период кога се почести труењата од храна поради високите температури. Стомачните вируси се јавуваат повеќе во зима. Во однос на клиничката слика, може да се видат некои суптилни разлики, но клиничката слика е слична. Кај труењата со храна симптомите се јавуваат по 2-3 часа, додека кај вирусните од инфекцијата до појавувањето на симптомите поминува подолг период.
– Родителите тешко би ги разграничиле симптомите, тешко е да се види дали се работи за труење со храна или за некоја инфекција што е од вирусна или бактериска природа. Повраќањето обично се врзува со возраста на детето, доколку е помало треба побрзо да се интервенира – вели Никчевска.
Таа вели дека повраќањето или дијарејата загрижуваат поради губењето на течности, односно проблем кај малите деца е што лесно може да доведе до дехидратација. Секогаш кога губењето на течностите е поголем од внесот на течностите и кога општата состојба на пациентот, односно на детето не е добра, време е да се побара лекарски совет.
– Детето е клапнато, малаксано, изнемоштено, не може да внесува течности преку уста, значи невозможно е по орален пат да се хидрира. Самата дехидратација доветува до електролитен дисбаланс, што понатаму буди, да кажам, една клиничка слика на гадење, повраќање, малаксаност, па и дополнително е отежнат внесот на течности. Кај сите болести кај децата најбитен е балансот на течностите, односно да не даде до дехидратација – вели докторката.

За на одмор препорачува, електролити, антихистаминици за алергија, лекови за симнување на температура, пробиотици. Антибиотик за на одмор вели дека не е потребен.
Таа објаснува дека сè почесто се зборува за алергија на храна, а како последица на алергија на глутен се јавува целијакија.
-На почетокот има симптоми како гадење, повраќање, кај некои слабеење, за потоа со детална анализа да се испостави дека станува збор за алергија на глутен. Целијакија е нетолеранција на глутен и тоа е автоимуна болест. Од алергијата на храна се разликува по тоа што не поминува. Ако се јави алергија на глутен тоа е за цел живот, за разлика од алергијата на одреден тип на храна. Кога еден пациент ќе го ставиме на безглутенска храна, тој треба да внимава буквално во сè да нема глутен. Дури и во продукти што по природа не содржат глутен – вели Никчевска.
Таа вели дека освен дијаери кај децата се појавува и опстипација или тврда столица која кај 80-90 проценти, се должи на типот на исхраната, односно внесувањето или невнесувањето на влакна, вода, овошје и зеленчук.
– Навистина децата си имаат свој вкус, избираат што сакат да јадат, но една препорака, да не звучам грубо, тие немаат мислење што треба да јадат до три години. Ние сме тие што треба да им укажеме, односно да им дадеме некаков тип на храна. Храната се базира на зеленчук, месо, јајца и домашно приготвени продукти, што се сезонски. Различни култури, различно ја приготвуваат храната и треба да се прави еден баланс. Можам да им дадам совет, да речам, ако не сакат да јадат овошје, можат да дадат смути или да го внесат преку каша – вели Никчевска.
Таа вели дека за да се реши констипацијата прво треба да почнат со домашно приготвени компоти, од слива, смоква, повеќе вода, зеленчуци.

– Тоа што го гледам во секојдневната пракса, за жал не беше така порано, е многу голема присутност на паразитите во нашата популација. Дури е неверојатно, некаде 70-80% од пациенти што имаат хронична констипација, имаат некаков тип на паразитарна инфекција. Не би знаела да кажам на што се должи тоа. Можам само да шпекулирам, да кажам дека можеби не се води толку сметка со каква вода се наводнува зеленчукот бидејќи во секоја вода од канал има некаков тип на паразит. Не се одмиваат толку продуктите.
Некогаш кога имаме подолготрајна констипација и сме исклучиле анотомски проблеми или некои други проблеми во однос на исхраната, треба да помислиме на паразити и да испитаме – вели докторката.