
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Генадиева Ставриќ: Се зголемува бројот на хематолошки пациенти, но и болничкиот капацитет на болницата
Се зголемуваат ли бројот на хематолошки болести во држава? Каква е разликата од пред десетина години и колку заболени има на годишно ниво? Кога има зголемување на болни се зголемува и потребата за зголемување на болничките капацитети. Има ли најава за кратко време да се зголеми бројот на кревети за лежечки пациенти? За дел од овие теми, меѓутоа и за работењето на Клиниката за хематологија, одговори бараме од првиот човек на Клиниката, доктор Соња Генадиева Ставриќ.
Препорачано
Таа е девет месеци на чело на клиниката. Вели дека последниве години се зголемува бројот на хематолошки пациенти и поради тоа имаат поголем буџет на клиниката за да можат соодветно да ги лекуваат пациентите.
-Хематологија никогаш не може да биде еден човек. Таа бара тимска работа за клиниката да оди напред. Тимската работа го покажува својот резултат и успех. Настојуваме да направиме функционално проширување на просторните капацитети што ќе подразбира зголемување за над 50% на постојните болнички капацитети. Имаме огромна поддршка во проширување на кадровскиот потенцијал на клиниката и во тек се нови вработувања на цел болнички персонал – вели докторката.
Таа објаснува дека зголемениот буџет во моментов им овозможува Универзитетската клиника за хематологија непречено да работи со целосна, современа дијагностика и современи тераписки протоколи признаени во Европа и светот, сè со цел да им пружиме квалитетна здравствена заштита на нашите пациенти. Има зголемување на бројот на хематолошки болести, посебно на карциноми – вели Ставриќ.
Зголемениот буџет значи дека персоналот се едуцира преку посета на симпозиуми, конгреси, размена на искуства, се поврзува со регионални хематолошки центри, со центрите во светот. Директорката вели дека го ставиле во функција и видеонадзорот кој бил надвор од функција подолго време.

– Видеонадзорот не е новина за Клиниката за хематологија. По примерот на Европските центри, тој е поставен на нашата клиника пред околу две децении. Меѓутоа, во моментот на моето доаѓање, беше нефункционален. Направивме истражување да видиме кога е практично прекинат. Побаравме мислење од Министерството, рекоа дека е во наша надлежност и во една најтранспарентна постапка за јавна набавка го ставивме во функција. Ист онаков каков што бил и претходно, исклучиво со една единствена цел. Да се зголеми безбедноста на пациентите и здравствените работници. Исклучиво според правилник за видеонадзор. Нема во ниедна ординација, не е нарушена приватност на ниеден од пациентите, почитувани се сите правила и начела како треба да биде поставен – вели Ставриќ.
Таа објаснува дека е во тек и не е завршена последната постапка за физичко обезбедување.
– Бидејќи имавме жалба и траеше подолго време, бидејќи сме јавна установа, здравствена, од општествен интерес, додека трае постапката, имаме можност за гратис физичко обезбедување од една од фирмите. Значи, во моментот клиниката за хематологија не плаќа за обезбедување сè додека не заврши тендерската постапка – вели Ставриќ.
Таа се надева дека во краток временски период ќе се отвори последниот изграден кат и ќе се зголемат капацитетите на болницата.
– Ние сме единствена клиника која ги акцептира сите пациенти со хематолошки заболувања во нашата земја. Имаме огромен наплив на пациенти, меѓутоа сите пациенти се прифатени, немаме вратен пациент – вели Ставриќ.

За пријавата до Државната комисија за спречување на корупција за тендерска постапка за чистење на просториите во вредност од 6 милиони денари вели дека до нив нема стигнато ништо.
– Ова прв пат го слушам од вас, до нас не стигнала оваа информација, меѓутоа сакам само да појаснам за јавноста дека тендерот е за 5 милиони денари. Нивото на хигиената значи предизвик во третманот, посебно во хоспиталниот дел кај нашите пациенти. Тоа се пациенти кои се осетливи кон инфективни компликации. Мора да се подигне нивото на хигиена. Ако се зголемува болничкиот капацитет на клиниката се зголемува и работата. Досега се плаќале 2 милиони денари. Разбирливо е, мислам, зашто нашата амбиција е да обезбедиме и подобри услови за обезбедување на хигиената за нашите пациенти – вели Ставриќ.