
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Бошковски: Лековите не делуваат кај 30 отсто од пациентите со епилепсија и нападите се повторуваат
Над 65 милиони луѓе во светот имаат некаков тип на епилепсија. Во Македонија бројката е 16.000 болни. Што е епилепсија, дали секој напад значи дека боледувате од оваа болест, има ли предрасуда за болните во утринската програма „Слободен печат“ одговор побаравме од доктор Бојан Бошковски, невролог од Клиниката за неврологија на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Препорачано
– Кај нас сè уште има предрасуди кога станува збор за оваа болест, не се зборува многу за неа. Кога почнав да работам беше многу поизразено, сега како поминува времето се повеќе се прифаќа болеста, се намалуваат предрасудите. Во народот постојат многу зборови како падавичари, епилептичари, тоа е дел од стигмата. Треба многу повеќе да се работи на тоа, медиумите треба да зборуваат за тоа повеќе. Имаме кампањи кога е денот на болните од епилепсија, но тоа е малку за да се запознае болеста-вели Бошковски.
Тој објаснува дека секој напад не значи дека имате епилепсија.

– Имаме напади кои може да бидат од повреда, од недостиг на електролити, може да биде од друг тип на дразнење на мозокот, крвавење, мозочен удар. Епилепсија е кога нападите се повторуваат и тоа е болест, а не состојба. Еден напад не значи епилепсија-објаснува докторот.
Околу квалитетот на животот, Бошковски вели дека е многу битно да се разговара со блиските и пријателите доколку ви е дијагностицирана болеста.
– Не поради друго, прво самите да се ослободат од товарот на болеста. Тоа не се крие, може да се случи напад секаде и треба навреме да се реагира. Работодавците треба исто да знаат, се губат работни места, поради болеста, но тоа невролозите не го лекуваат, системот треба да го лекува и коригира-вели Бошковски.
Докторот вели дека од типот на епилепсија зависи квалитетот на животот на пациентот.
– Кај 30 отсто од пациентите лековите не реагираат, нападите не се намалуваат и тука е проблемот со квалитетот на животот. Околу 70 проценти од болните имаат контролирана епилепсија и тука квалитетот на животот е добар-вели неврологот.

Околу лекувањето доктор Бошковски вели дека новите лекови ги немаме бидејќи сме мал пазар и регистрацијата на лекови е веројатно неисплатлива за фармацевтските компании.
– Споро доаѓаат новите лекови. Потоа имаме проблем со позитивната листа и да се регистрираат новите лекови тие не се на позитивната листа. Тоа ни го отежнува лекувањето бидејќи со овие лекови кои ги имаме многу тешко се постигнува контрола на болеста бидејќи треба да се направи комбинација која на крај ќе биде успешна. Некои од пациентите се одлучуваат приватно да ги купуваат во соседните земји, во Србија, таму се доста евтини лековите, но тоа не можат сите да си го дозволат-вели Бошковски.
На прашањето дали се лекува епилепсијата, Бошковски вели дека има епилепсии во адолесценцијата или во детската возраст кои можат да влезат во ремисија и да исчезнат, но ако се појават пак напади значи болеста и присутна и мора да се прима терапија.
– И алкохолната епсиненција предизвикува епилептични напади. Кога зборуваме за некој кој долги години злоупотребува алкохол кој влијае на нервниот систем и настанува оштетување, можна е појава на епилепсија по апстиненцијата-вели Бошковски.
Тој објаснува дека за време на пандемијата на ковид 19 имало многу воспалителни процеси на мозокот кои не сме ги гледале често.
– Но како се стивна епидемијата сè се врати во нормала. Што се однесува до вештачката интелигенција немам некаков заклучок како влијае на младите. Некако не сум убеден дека е позитивна и како може да ни помогне. Ако може да ни помогне во корекција на странски јазик е во ред. Кога станува збор за есеи, текстови мислам дека се злоупотребува. Но се помалку гледам начин како да се контролира. Од една страна ќе ни олесни, но ние стануваме помалку способни-вели Бошковски.
Со докторот разговаравме и за ретките болести, за мултиплекс склероза, за новите иновативни лекови.
Целото интервју до доктор Бојан Бошковски погледнете го во продолжение: