
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Балевски: Со ТАВИ постапка без операција, се менува залисток на аорта
Колку кардиолошки болести има во државава? Колку Македонци годишно заболуваат и умираат од нив? Дали има процедури што лекуваат, кои се интервентни, меѓутоа не се оперативни? Утрово одговори на овие, но и на други прашања поврзани со болестите на срце, во емисијата „Слободен печат“ побаравме од еминентниот кардиолог од Словенија кој се приклучува на тимот кардиолози од „Аџибадем Систина“, доктор Игор Балевски.
Препорачано
– Целта на моето доаѓање и активирање во Аџибадем Систина е заедно со колегите што работат на одделението за кардиологија да направиме еден добар, моќен, јак, стручен кардиолошки тим за да ги покриеме сите делови од кардиологијата, бидејќи модерната кардиологија е многу широка област.
Мора да се направи напреден европски центар за срце каде што пациентите можат да дојдат и да ги решат сите проблеми со овој витален орган, од наједноставни до најкомплексни – вели Балевски.
Тој објаснува дека е експерт за операции поврзани со аномалии на аортната стеноза.
– Аортната стеноза е болест кај постари луѓе. Около 8-10% стари луѓе ја имаат таа болест. Ако симптомите не се откријат на време, смртността нагло станува висока. Практично за 5 години, умираат скоро 100%. Ако се открие навреме, може да се отстрани аномалијата со хируршка замена, или ова што јас го правам, без операција да се стави залисток. Ако се направи ова навреме, преживувањето е практично исто како кај здрав човек – вели Балевски.
Според него, лекувањето на аортната стеноза е многу корисно и го подобрува и продолжува животот.
– Ако гледаме општо, кардиоваскуларните болести се најчеста причина за смрт. Срцето е релативно едноставен орган, околу 306 грама е тешко, големо колку тупаница. Има три дела. Тоа се залистоци, мускул и крвни садови што го хранат срцето. Има 4 залистоци, но заболуваат само 2 на левата страна. Аортниот е главно стеснет. И тоа е најчесто кај постари луѓе. Дел од пацинетите се оперираат, а кај останатите се прави нехируршка постапка каде што се заменува залистокот со т.н ТАВИ постапка, преку крвните садови на ногата или високо на раката – вели Балевски.
Тој објаснува дека постапката воопшто не е едноставна и од проценката на докторот зависи дали ќе се направи класично хирурши или со ТАВИ.

– Постапката трае час до час и половина. Јас имам направено преку 500 досега, годишно во центарот во кој работам се прават по 200. Го стануваме пациентот 3 до 5 часа по операцијата и наредниот ден најчесто си одат дома. Нормално, процедурата е инвазивна, носи ризик, но опоравувањето е брзо – вели докторот.
На прашањето дали постапката за промена на залистокот може да ја споредиме со стентирање, Алевски вели дека таа е релативно едноставна.
– Се влегува преку ногата, преку артеријата се влегува во срцето, бидејќи тој залисток е практично неколку сантиметри надвор од срцето. Се прави застој на срцето од 15 секунди и се поставува залистокот на таа позиција. Нема класична операција, пациентот е свесен, комуникативен, разговара цело време – вели Балевски.
Тој нагласува дека пациентите не треба да сфатат дека ова е главна процедура. На интервенцијата секогаш се присутни и кардиохирурзи и заедно решаваат дали ќе се интервенира со ТСАВИ или ќе се оди на класична операција.
– Ако мускулот на срцето е добар и крвните садови се добри, кога ќе ги замениме залистоците, тој од срце нема да почине – вели Балевски.
Со него зборувавме за симптомите кои се појавуваат кај пацинетите, кога треба да се оди на лекар, дали постапката ТАВИ може да се повтори по неколку години кај ист пациент, но и за користење на аспиринот како лек за кардиолошки болести.