Ана Аврамоска Нушкова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Аврамоска – Нушкова: Жените жртви на насилство кога немаат поддршка се враќаат во насилната средина

Во Министерството за правда почна со работа канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство при што се очекува жртвите да аплицираат за добивање на паричен надоместок за претрпеното насилство. Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство која работи со жртви на насилство ја поздрави работата на Комисијата како клучна помош за жртвите да го реализираат своето право на надомест поради претрпеното насилство.

– Законот како закон веќе година и нешто е на сила и без Комисијата не може да се имплементира и е од клучна важност за да можат да се реализираат овие законски одредби. Ова е еден вид на солидарност кон жртвите, првично тргнувајќи од оние постапки кога ќе се добие пресуда во кривичната постапка. Но често жртвите или оштетените се упатуваат на парнична постапка за да може да си го наплатат своето побарување во контекст на материјалната и нематеријалната штета. Така што ова е многу полесна и побрза постапка бидејќи нема да се очекува правосилна пресуда, но настанот мора да биде пријавен во полиција и во Јавното обвинителство, од каде жртвата по нејзино барање ќе добие потврда и согласно тоа ќе си поднесе барање до комисијата за да се обештети – вели Ана Аврамоска Нушкова, проектен координатор во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во емисијата „Слободен печат“.

Максималниот износ кој жртва може да го добие по неколку основи согласно законот е 5.000 евра во денарска противвредност.

– Мора да се има предвид дека овој надоместок е за оние жртви на семејно насилство, родово базирано насилство врз жени, за кривични дела поврзани со трговија со луѓе и за полови деликти – додава Аврамоска Нушкова.

Македонија уште во 2017 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство која дава основа за сеопфатна заштита на правата на жените.

– Тоа е еден меѓународен стандард како треба да се даде правилната заштита на една жена жртва на насилство. Не е само да ги менуваме законите. Да, треба и тоа, но паралелно треба да си ги унапредуваме специјалните сервиси односно правилната заштита на жените и дополнително да се работи на превенцијата, но не само со еднократни кампањи туку континурано, преку кампањи, преку едукација, во образованието на младите и во едни општи обуки за сите професионалци кои во еден момент можат да дојдат и да работат со жена жртва на насилство. Државата мора не само да воспостави специјални сервиси туку и да ги одржува и да бидат функционални  – нагласува Аврамоска Нушкова и додава дека специјализираните услуги треба да бидат согласно индивидуалните потреби на жртвата и да бидат бесплатни.

Во однос на најавата дека ќе се организира јавна дебата за измени на Кривичниот законик, со свои конкретни предлози ќе излезе и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

– Кривичниот законик е во фокусот на нашата работа. Се воведе демнењето и секуалното вознемирување, односно полово вознемирување. Кај силувањето се промени дефиницијата и сега основното битие на кривичното дело е согласноста, односно волјата на жртвата. Сепак сметаме дека има малку простор каде може да се делува со нови кривични дела. Иако Истанбулската конвенција не дава задолжителност на државата да го криминализира психолошкото насилство, ние сметаме дека поради тоа што најголем број на пријави се поради психолошко насилство тоа треба да биде криминализирано со сеопфатна дефиниција што значи и што е штетата на жртвата која преживува некоја форма на психолошко насилство. Втора работа е дипфејкот – кога со помош на вештачката интелигенција се прават толку реалистични видеа претежно во сексуална конотација и затоа неконсензуалното продуцирање, поседување, дистрибуција на вакви слики исто така сметаме дека треба да се криминализира и да биде воведена во Кривичниот законик – потенцира Ана Аврамоска Нушкова.

Инаку, во Кривичниот законик веќе е воведено и кривично дело фемицид односно „лишување од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“ и кочанскиот суд во април годинава донесе пресуда – доживотен затвор за сторителот на убиството на жената во Кочани „извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин“.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство освен што работи на соодветна заштита на жените жртви на насилство, преку советувалиштата во кои работат кариерни советнички работи на реинтеграција и економско јакнење на жените за да не се враќаат назад во насилната средина бидејќи се економски зависни.

– Кај нас сите истражувања укажуваат на тоа дека ако немаат поддршка од најблиското семејство или ако нема поддршка од пријатели, роднини како подалечно семејство многу често се враќаат во насилната средина поради финансиската зависност од примарното семејство односно сторителот – нагласува Аврамоска Нушкова и додава дека деновиве е донесена и Програмата за реинтеграција на жени – жртви на насилство која предвидува подолгорочна помош во контекст на домување, закупнина, мерки за полесно вработување, како и мерки за дообучување и усовршување за да биде поконкурентна на пазарот на труд.

Целото интервју со Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот