Анита Ангеловска Бежовска- Гувернерка на НБРСМ/Фото: НБРСМ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата се стабилизира, но ризиците не смеат да се потценат, особено кај енергијата и храната

Ќе здивнат ли граѓаните конечно од постојаните поскапувања, имаше ли ефект новогодишната кошница, казнети ли се некои деловни банки за постојаното зголемување на провизиите? Гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Слободен печат“ зборува за девизните резерви, за стабилноста на курсот на денарот, но и за намалувањето на каматните стапки кај деловните банки и стамбеното кредитирање.

Девизните резерви растат во континуитет изминативе месеци. Што значи тоа за стабилноста на курсот на денарот бидејќи постојано се коментира дека тој вештачки се одржува?
− Прво, би кажала дека и покрај фактот дека ние се соочивме со шокови од невидени размери, Народната банка успеа успешно да ја одржи стабилноста на домашната валута. Девизните резерви секако се клучниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и ме радува тоа што, и покрај овие кризни времиња, девизните резерви речиси непрекинато растеа минатата година достигнувајќи 5 милијарди евра. Овој пораст на девизните резерви беше всушност и повисок од очекуваниот според последните макроекономски проекции на Народната банка, а доколку овој износ го споредиме со претпандемичниот период, нивото сега е повисоко за педесетина проценти, што јасно говори за зголемен потенцијал за одбрана од идни потенцијални шокови.
Од каде произлегува порастот на девизните резерви? − Во основа, главниот фактор за тоа е откупот на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар, којшто речиси непрекинато се остварува од средината на 2023 година, така што вкупно, за овие две изминати години, ние како централна банка откупивме 750 милиони евра на девизниот пазар со што во целост се надомести износот којшто беше искористен за интервенции на девизниот пазар во периодот на пандемијата и во периодот на енергетскиот шок. Сето ова јасно говори за воспоставените силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута.

Што е со директните странски инвестиции, колку влијаат тие на девизните резерви?
− Поволните движења на девизниот пазар се одраз на повеќе видови финансиски приливи од странство во услови на стабилизирање на глобалното макроекономско окружување. Всушност, поради овој поволен глобален амбиент, во изминатите години забележавме поповолни движења кај трговската сметка, односно извозот и увозот на стоки и услуги, како и поволни трендови кај дознаките коишто ги праќаат иселениците, но и кај странските директни инвестиции. Оттаму, несомнено, странските директни инвестиции имаат позитивен придонес кон порастот на девизните резерви.
Поконкретно, гледано низ бројки во претпандемичниот период, странските директни инвестиции изнесуваа околу 3,5% од БДП, во просек. Факт е дека во текот на пандемијата значително се намалија до нивото од 1,4% од БДП, меѓутоа потоа следеше процес на постепено закрепнување, а минатата година во првите три квартали достигнаа 5% од БДП, што е навистина солидно ниво според историските параметри. Но, исто така би истакнала дека странските директни инвестиции не само што имаат позитивен придонес за порастот на девизниот потенцијал во нашата економија, туку го поттикнуваат и инвестицискиот циклус кај нас, а инвестициите во секоја економија се еден од главните фактори за побрз раст и за зголемување на нивото на доходот, којшто кај нас за жал сѐ уште е низок. Просечното ниво на доход кај нас е четириесетина проценти од европското ниво на доход.

Анита Ангеловска Бежоска- Гувернерка на НБРСМ/Фото: НБРСМ

Ги намаливте каматните стапки изминатата година. Овој тренд започнаа да го следат и деловните банки. Каков ефект ќе има ова врз економијата и дали очекувате зголемување на кредитирањето, бидејќи на крајот на минатата година јавноста имаше впечаток дека деловните банки го намалија кредитирањето, посебно за граѓаните? Што ќе значи пласманот на унгарскиот кредит за економијата и за граѓаните?
− Од септември минатата година, како Народна банка, започнавме постепено и внимателно да ја олабавуваме монетарната политика, во услови на постабилен макроекономски амбиент. Значи, во три наврати беше намалена каматната стапка и ова секако влијае на каматните стапки и во банкарскиот систем. Меѓутоа, податоците јасно покажуваат дека намалувањето на каматните стапки во банкарскиот систем почна и пред централната банка да започне со намалување на каматните стапки, како одраз на солидното ниво на ликвидност во банкарскиот систем, но и на општите постабилни макроекономски движења.
Во моментов, според последните расположливи податоци заклучно со декември минатата година, каматната стапка на кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,4%, а кај населението слично, 4,5%.
Доколку овие каматни стапки ги споредиме со ЕУ, би рекла дека нема голема разлика. Ако во минатото кај нас задолжувањето било поскапо за 2 до 3 процентни поени, во просек, во споредба со каматните стапки од ЕУ, сега веќе не е така. Впрочем, ако ги погледнеме каматните стапки сега, тие и не отстапуваат многу во однос на каматните стапки во претпандемичниот период.
Општо земено, кредитната активност кај нас се остварува со солидна динамика во изминатиот период. На пример, и покрај кризите кредитната поддршка расте за 7% на годишно ниво, во просек. Минатата година впрочем имаше и позначително забрзување на кредитната активност кога достигна околу 12%. Ова забрзување беше особено видливо во корпоративниот сектор каде што кредитирањето достигна близу до 14%. Нови извори на кредитирање секако ќе бидат натамошен поттик за економскиот раст, поддршка за приватниот сектор и може да доведат до дополнително забрзување на кредитната активност. Со нашите макроекономски проекции ние секако планиравме дека кредитната поддршка ќе биде солидна и на среден рок.

Постојано Владата спроведува мерки за намалување на инфлацијата. Имавме „новогодишна кошничка“, „божиќна“ еве сега се најавува за Бајрам, за Велигден. Што значи ова за инфлацијата во државава и дали конечно граѓаните ќе може да здивнат од поскапувањето, бидејќи тоа е секојдневно, особено кај храната?
Расположливите податоци упатуваат на тоа дека имаме постабилни инфлациски движења, значи инфлацијата од двоцифрено ниво близу до 20% колку што изнесуваше во 2022 година, минатата година ја сведовме на просечна инфлација од 3,5% и како што споменав, ова беше во целост во согласност со нашите проекции. За оваа година нашите проекции се дека инфлацијата и натаму постепено ќе се стабилизира, очекуваме просечна инфлација од околу 2,5%, а во натамошниот период се очекува сведување на ниво близу до нашето историско ниво од околу 2%. Овие движења секако се одраз на стабилизирањето на цените на примарните пазари на светските берзи, но и на позатегнатите финансиски услови во контекст и на променетата поставеност на монетарната политика. Секако овие бројки коишто ги споменувам како проекции се основно сценарио, а остварувањето на ова сценарио ќе зависи од ризиците, односно од тоа дали ќе има остварување на некои ризици особено од глобалниот контекст. Гледаме геополитички случувања коишто може значително да се одразат и врз цените на енергентите и врз цените на храната, но важен е и домашниот контекст, во кој исто така може да се појават одредени ризици. Општо земено, би рекла дека и покрај тоа што движењата кај инфлацијата се во согласност со нашите очекувања, сепак ризиците постојат, ризиците не смеат да се потценат и тоа јасно упатува на потреба од водење стабилни макроекономски политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, меѓутоа исто така и врз соодветните структурни политики со коишто ќе се утврдат структурните слабости во нашата економија, особено кај енергијата и храната.

Кога сме веќе кај енергијата и храната, ќе може ли деловните банки да обезбедат солидна кредитна поддршка за сите оние што се во стопанството?
− Ако ги погледнеме билансите на банките, капацитетот на банките всушност е зајакнат и покрај кризниот период со којшто се соочивме, што јасно може да се согледа преку високото ниво на адекватност на капиталот коешто е највисоко во последни две декади, а тоа е меѓу другото и резултат на мерките коишто ги преземаше централната банка во овој период. Понатаму, ликвидноста се одржува на солидно ниво, а исто така и квалитетот на кредитното портфолио е на соодветно ниво, што јасно може да се прикаже преку релативно ниското ниво на нефункционални кредити коишто се одржуваат со стапка од околу 3%. Општо земено, од овие параметри може да се заклучи дека банкарскиот систем има капацитет и натаму да обезбедува солидна кредитна поддршка и за граѓаните, но и за компаниите, бидејќи кредитниот раст е неопходен за да може да се утврдат и структурните пречки и за да се зголемат инвестициите во економијата заради повисок раст.

Кога зборуваме за кредитите за граѓаните, сите на некој начин гледаат да си го решат станбеното прашање. Цените вртоглаво растат, потребата за станбени кредити расте. Каква е ситуацијата овде, дали ќе има зголемување на кредитирањето од деловните банки?
− Станбеното кредитирање се одвива со солидна динамика. Всушност, и минатата година имаше одредено забрзување и од околу 10% се искачи на 12%, за што сметаме дека е солидна поддршка. Секако, многу е значајно да се применуваат добри критериуми при одобрувањето ваков вид кредити за да нема на крајот остварување на ризиците што би можело да се одрази врз банкарскиот систем. Би рекла дека критериумите коишто се применуваат од страна на банките се претпазливи и тие и во изминатиот период беа зајакнати врз основа на макропрудентните мерки коишто ги презеде Народната банка, со цел да се спречи прекумерната задолженост на граѓаните, затоа што мора да се внимава и на тој аспект.

Анита Ангеловска Бежоска- Гувернерка на НБРСМ/Фото: НБРСМ

Постојано зборуваме за финансиска писменост, Народната банка постојано прави едукација на оваа тема. Каква е состојбата овде и што значи финансиската писменост за едно општество?
− Несомнено финансиската писменост, финансиската едукација е многу значајна, како за поединецот, така и за општеството во целина, а со тоа влијае и врз доходот којшто сите ние го имаме во општеството. Според официјалните мерења на ОЕЦД, нивото на финансиската писменост кај нас е 56 % од максималната вредност, што е многу слично со останатите земји од регионот на Југоисточна Европа, меѓутоа позначително заостанува зад напредните економии, на пример економиите на ОЕЦД. Во овој контекст, централната банка во изминатиот период започна да посветува многу поголемо внимание на ова прашање, што е видливо преку изготвувањето и усвојувањето на првата Национална стратегија за финансиска писменост и финансиска едукација, заедно со останатите финансиски регулатори. Оваа стратегија предвидува голем број активности и би рекла, најголемиот број од тие активности се веќе спроведени или се во фаза на спроведување. Да споменам неколку, на пример, централната банка го подготви Кодексот за добри практики за финансиска едукација, голем број едукативни предавања, брошури, презентации, за различни возрасни групи на населението кај нас. Исто така, подготвивме Предлог-закон за финансиски омбудсман, понатаму се формира посебна дирекција којашто ќе врши наменска контрола за заштита на корисниците на финансиските услуги, односно контрола на тоа колку банките ги почитуваат законите, поточно одредбите коишто гарантираат заштита на корисниците на финансиските услуги. Сега веќе започнуваме и со активности за подготовка на втората Национална стратегија за финансиска писменост.

Граѓаните постојано се жалат на високи провизии и има ли некаков механизам централната банка за контрола и дали веќе некои банки се казнети поради постојаното менување на провизиите?
-Новиот Закон за платежни услуги всушност внесе голем број новини, ја зајакна значително заштитата на граѓаните како корисници на финансиски услуги. Токму затоа и споменав дека формиравме и посебна дирекција, којашто започна со контроли коишто се наменети токму за овие аспекти и во сите оние ситуации каде што е забележано нецелосно почитување на законските одредби или е постапувано спротивно на нив, веќе се изречени санкции. Имаме голем број активности со банките, вклучително и едукативни, бидејќи се работи за нова регулатива, односно сѐ уште постои одредена потреба за дообјаснување. Секако, најважно е да обезбедиме доследно почитување на оваа регулатива. Што се однесува до надоместоците, регулативата предвидува нови алатки, на пример отворање платежна сметка со основни функции, за која износот за одржување и за одреден број трансакции на таа сметка е навистина минимален, од 30 до 40 денари. Оваа можност ја нуди Законот. Ние се трудиме да ги претставиме овие инструменти и алатки коишто им стојат на располагање на граѓаните за да можат да ги искористат. Во однос на намалувањето, поконкретно, на провизиите во сферата на платежните услуги, мислам дека членството во СЕПА ќе биде главниот фактор којшто ќе овозможи значително намалување на провизиите на платниот промет. И тука е најважно банките да се подготват оперативно за да можат да се вклучат во системите на СЕПА, за да можат и граѓаните што побрзо ги почувствуваат придобивките од влезот во СЕПА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот