Александар Димитријевиќ / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Александар Димитријевиќ: Ќе мора да ја закопаме ароганцијата на СДСМ

Голема придобивка за новата функција што ја вршам е тоа што потекнувам од најниските позиции во СДСМ, од општинските и месните организации, таму се моите почетоци. Со текот на годините сум се градел во структурите чекор по чекор и ништо не дошло наеднаш, вели Александар Саша Димитријевиќ, новиот генерален секретар на СДСМ.

Тој е избран да ја врши чувствителната функција во партијата во можеби најтешкиот период од постоењето на СДСМ. Самиот вели дека е свесен за предизвикот, а дека токму искуството од членувањето во поголемиот дел од партиските органи и опширното познавање на базата ќе му биде од помош на новата функција.

– Потекнувам од најниските клетки на партијата, сум бил член на месни одбори, сум бил претседател на локален клуб на млади во Гази Баба, претседател на градската организација на млади, неколку години и потпретседател на цела младина, за сега да дојдам на оваа позиција и верувајте, ги познавам одлично состојбите – вели тој.

Димитријевиќ вели дека поради долгиот стаж што го има во партијата, има можност да ги спореди разните времиња во кои функционирала партијата.

– Јас бев во партијата кога бевме во опозиција, па потоа и кога бевме на власт, па можам да споредам како беше однесувањето во двата периода. Годините ги сметам за предност, бидејќи имам неограничено време за на терен, имам неограничено време за да ги сослушам сите членови, и да ги исцрпам искуствата од сите, бидејќи јас доаѓам на оваа позиција со одреден политички бекграунд, но има луѓе кои се многу поискусни од мене и вреди да се послушаат нивните совети – открива генсекот на СДСМ.

Тој одбива да ги коментира прозивките од бившите функционери на партијата, вклучувајќи го тука и Петре Шилегов, поранешниот генрален секретар на СДСМ и градоначалник на Скопје, велејќи дека секој од нив се вградил во партиските структури и дал свој придонес во одреден период. Димитријевиќ е свесен дека има незадоволни партиски членови и неговата задача е да помогне во ревилитизацијата на партијата.

– Ако ме прашувате како изгледаше СДСМ неколку дена по изборите и како денеска изгледа, ќе ви кажам дека тоа се две различни партии. Ако ме прашувате дали СДСМ е на потребното ниво, не, сè уште треба да го одиме тој пат. Партијата на последниот Конгрес и на последниот седница на Централниот одбор покажа сериозна организираност. Ние имавме Конгрес којшто беше со над 85 отсто присутност, нешто што во најубавите денови на СДСМ не се случувало. Тоа значи дека луѓето се враќаат, луѓето ја враќаат вербата во партијата – додава тој.

Генсекот на најголемата опозициска партија е уверен дека СДСМ повторно може да стане победничка политичка сила во Македонија.

– Нема магично стапче со кое СДСМ утре ќе стане победничка. Пред нас е многу работа, многу труд, многу разговори со членството. За СДСМ повторно да стане победничка, ќе биде клучно да го тргнеме тој јаз помеѓу раководството и општинските организации или помеѓу централата и луѓето што работат долу во општинските организации. Мораме да излеземе од канцелариите, мора СДСМ да излегува на терен секој ден – смета Димитријевиќ.

Тој е дециден дека СДСМ мора да научи од сопствените грешки и дека овојпат тоа не е само флоскула која толку пати во минатото била повторувана.

– СДСМ не смее повторно да не ја слуша базата и да спроведува политика која е спротивна од мислењето на сопственото членство. СДСМ не може да си дозволи уште една грешка. Претседателот Филипче на Конгресот испрати силни пораки кои членството ги прифати. Ние бевме критикувани за однесувањето во последниот период и за ароганцијата која мора да биде закопана – вели тој.

За локалните избори Димитријевиќ вели дека има доволно време за партијата добро да се подготви, по што тој очекува позитивен резултат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот