
ВИДЕОАНКЕТА | Што мислите за ограничувањето на сообраќајот во Дебар Маало?
Дебар Маало е една од „најжешките точки“ од градот Скопје, за време на викендот. Токму на територијата на Дебар Маало се наоѓаат голем број кафулиња, барови, ресторани и кафеани, фреквентноста на луѓе е голема, а паркинг се бара понекогаш и по половина час.
Препорачано
Општина Центар подготвила пилот-проект за ограничување на движењето на возилата во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите, како одговор на долгогодишните реакции од граѓаните кои живеат во овој дел на градот.
Планот предвидува од петок во 18 часот до понеделник во 6 часот наутро, сообраќајот да биде строго контролиран, а влезот во зоната да биде дозволен само за жителите кои ќе имаат посебна дозвола. Сите останати возила ќе имаат право да влезат, но само доколку излезат од зоната во рок од 15 минути. Во спротивно, ќе следуваат казни. Се предвидува слободен транзитен сообраќај, но не и долготрајно паркирање или престој.
„Слободен Печат“ направи анкета во која ги праша Дебармаалци какво е нивното мислење за оваа идеја и дали ја поддржуваат или не.
Сите испитаници едногласно рекоа дека го поддржуваат овој предлог.
– Сметам дека е добра идеја, бидејќи има многу сообраќај, возилата се паркираат како што сакаат и сметам дека ова е добар предлог и се надевам дека ќе успее – вели една девојка.
Анкетираните ги споделија и своите искуство околу секојдневната потрага по паркинг места.
-Понекогаш веднаш наоѓам паркинг, а понекогаш барам паркинг и по половина час – изјави една млада девојка.
-Ние го продадовме автомобилот, баш од таа причина бидејќи беше проблем паркингот, иако имавме опција за паркирање како резиденти на Дебар Маало, но пак не можевме да најдеме паркинг- сподели една повозрасна госпоѓа.