
ВИДЕОАНКЕТА | Како ви се допаѓа Македонија?
Македонија е земја која е интересна за туристите по својата природа, планините, природните езера, луѓето се гостопримливи и секогаш отворени да им помогнат туристите и да ги запознаат со градот, културата и историјата.
Препорачано
„Слободен печат“ направи анкета во која ги прашуваше туристите како им се допаѓа Македонија, како дознале за нашата држава и што ги привлекло да ја посетат.
Сретнавме луѓе од најразлични предели на светот како Индија, Нов Зеланд, Данска, Италија, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција и други. Сите беа позитивно изненадени од убавините на Скопје, а дел од нив веќе втор пат со задоволство ја посетуваат Македонија.
– Засега ни се допаѓа Македонија, навистина е интересна, има огромна историја, не успеавме да запаметиме сè, се обидуваме да го „впиеме“ сето тоа. Има интересна историја, архитектура, нови места, исто така имаме пропатувано и во други држави, овој пат ја одбравме Источна Европа, вклучувајќи ја и Македонија – рече еден пар од Индија.
На прашањето како дознале за Македонија, една Новозеланѓанка одговори:
-Гледам програми за патувања и така ја запознавам историјата. Сакам да патувам. Македонија ја посетив поради мојата љубопитност, едноставно да дојдеш и да видиш. Прекрасно е, пријателско место, искрено, нема џепчии и е супер – изјави таа.
Меѓу посетителите сретнавме и Балканци од кои еден беше во улога на туристички водич, друг беше тука професионално за работа, а имаше и некои кои беа дојдени само да ги разгледаат убавините на градот.
– Јас сум од Сараево, за мене е интересно да се разгледа поради сличните јазици, кои нe се целосно идентични и од тој агол е интересно. Не знам, културата, историјата, тврдината (калето), храната секако, уметноста, музиката, сè најдобро – изјави еден од туристите.