
ВИДЕО | Земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ само врз основа на сопствени заслуги, порача Фон дер Лајен од Бугарија
Проширувањето на Европската унија останува да биде процес базиран на заслуги. Земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ само врз основа на сопствени заслуги, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Бугарија. Според неа, секоја земја избира дали сака да се приклучи на ЕУ или не.
Препорачано
„Проширувањето е во интерес на Унијата – посилна, побезбедна и поконкурентна ЕУ значи посилна Европа во светот. Проширувањето на ЕУ во Западен Балкан ќе зависи исклучиво од заслугите на секоја земја-кандидат“, изјави фон дер Лајен, за време на нејзината посета на фабриката за одбрана ВМЗ во Сопот, Бугарија, објави БГНЕС.
Таа сепак нагласи дека проширувањето на Унијата останува приоритет за обезбедување на безбедноста на континентот.
„Проширувањето е во интерес на ЕУ. Поголема, поконкурентна и посигурна ЕУ значи Европа со посилен глас во светот. На второ место, интервенцијата на другите сили, посебно Русија, во Западен Балкан и во Молдавија бара од нас да застанеме зад нашите пријатели и партнери, да ги поддржиме и зајакнеме, да се бориме против овие хибридни напади и мешањето. Треба да им дадеме можност слободно да изберат дали сакаат да бидат дел од ЕУ или не”, рече таа.
Претседателката на Европската комисија посочи дека е јасно што треба да се направи и кои се подобрувањата кои треба да се постигнат.
„Секој кандидат ќе биде оценет според условите за него. Ова создава доверба на двете страни. За проширување е потребно време. Сакам да повторам дека е клучно за Европа, за регионалната стабилност и безбедност, да работи напорно за успешно проширување”, заклучи Фон дер Лајен.