Фото: Драган Даутовски

ВИДЕО: УНЕСКО ја прогласи македонската гајда за светско нематеријално културно наследство

Македонскиот народен музички инструмент гајда денеска е признаен како светско нематеријално културно наследство, на деветнаесеттата седница на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО што се одржува во Асунсион, главниот град на Парагвај. Министерот за култура Зоран Љутков на Фејсбук напиша дека ова е голем успех за македонската култура и можност за промоција и заштита на македонското национално богатство за идните генерации.

„Со гордост објавуваме дека нашата традиција на „Традиционална изработка и свирење на гајда“ е официјално впишана на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото! На 19. сесија на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за нематеријално културно наследство во Асунсион, Парагвај, Македонија учествува со своја делегација, составена од Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културното наследство и Ивона Опетческа Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003. Ова е важен момент за македонската култура, бидејќи по 7 години, повторно сме дел од светската карта на нематеријално културно наследство! Со ова, вкупниот број на нашите впишани добра сега изнесува 6, од кои 2 се заеднички со Турција. Се радуваме на идните можности за промоција на нашето национално богатство и заштита на нашата култура за идните генерации“, објави Љутков.

Македонската номинација на гајдата била направена пред две и пол години заедно со Турција.

„Изработката и свирењето на гајда го промовира единството на заедницата, но и семејството низ социјалните активности. Гајдата служи како симбол на културниот идентитет, солидарноста, чувството на припадност и соработка. Номинацијата вклучуваше истражувања, размена на проекти и претстави. Другите активности вклучуваа организација на фестивали на меѓународно ниво. За да биде подготвена номинацијата беа приложени заеднички активности на работни групи во кои беа вклучени експерти како и изведувачи на овој народен инструмент како и други засегнати страни кои приложија соодветни информации за комплетирање на номинацијата. Од овие причини Телото за евалуација ја предложи гајдата да биде ставена на листата на нематеријално културно наследство“, се вели меѓу другото во одлуката за прогласување на гајдата за нематеријално културно наследство.

Весела Честоева, в.д. директорката на Управата за заштита на културното наследство, во своето обраќање пред присутните се заблагодари за одлуката и рече дека прогласувањето на гајдата за светско културно наследство е резултат на одличната соработка помеѓу Македонија и Турција.

„Македонскиот тип на гајда се наоѓа од руралните средини до универзитетите во Скопје и Штип како и низ три континенти, Европа, Америка и Австралија. Гајдата ја свират Македонци, но и свирачи од други различни култури. Во името на минатите, сегашните и идните генерации на гајдаџии искажувам благодарност до Телото за евалуација и до Меѓувладиниот комитет за запишувањето на гајдата на репрезентативната листа на УНЕСКО“, рече меѓу другото Честоева.

На сесијата беше прикажан и официјалниот документарен филм посветен на македонската и турската гајда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!