
ВИДЕО | Туфегџиќ побара таткото на Вања да биде ослободен, а судот да не носи компромисни одлуки раководени од трошоците што ќе му припаднат кога ќе биде ослободен
Адвокатот Владимир Туфегџиќ кој го застапува таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, во денешните завршни зборови од судот побара да го ослободи, зашто како што рече, обвинителките не презентирале никакви материјални докази за негова инволвираност.
Препорачано
– Согласно правните стандарди за докажување очекувам судот да донесе ослободителна пресуда за Александар, особено зашто застапникот на обвинението немаше доблест да го повлече обвинението иако е свесен дека нема докази. Самиот јавен обвинител на 11 јуни 2025 година кажа „не постојат докази за поврзаност или комуникација меѓу таткото и Љупчо Палевски“. Меѓутоа, имајќи ги предвид сите аспекти ќе бидам до крај резервиран и внимателен, бидејќи не сакам да верувам дека овој судечки совет ќе пристапи кон некакви си компромисни одлуки, пред се раководени од трошоците на постапката кои треба да му припаднат на Александар после завршувањето и објавувањето на ослободителната пресуда, рече Туфегџиќ.
Тој во судница истакна дека обвинението за Александар Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на обвинителството.
-Александар поради бруталното убиство на неговото дете и тешките последици за него и за неговото семејство, од овој суд не бара милост или одлука поради сожалување и емпатија кон него, Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите, судска одлука со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка. Застапникот на обвинението не докажа надвор од разумно сомнение дека Александар го сторил кривичното дело кое му се става на товар. Клучната теза и теорија на случај на застапникот на обвинението не е докажана а тоа е мотивот, да се дадат парични сретства на обвинетите за откуп на детето, како темел на обвинението за кое застапникот на обвинението ниту понуди ниту изведе докази од кои може да се извлече логичен заклучок дека таткото Александар со умисла им помогнал на обвинетите за да извршат грабнување на детето Вања, а со намера некој друг-член на нејзиното потесното семејство да присилат да стори нешто, да даде парични сретства на обвинетите за откуп на детето, на начин што претходно татко на детето Вања преку обвинетиот Љупчо Палевски дал упатства,за времето кога детето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште, како што е напишано во описот на обвинението, рече Туфегџиќ.
Останатиот дел од завршните зборови кои ги кажа Туфегџиќ ви ги пренесуваме интегрално во продолжение онака како што тој ги прочита денеска пред кривичниот суд:
Во конкретниот случај во описот на прецизираниот обвинителен акт во делот на детето Вања, застапникот на обвинението на обвинетите не им става на товар убиство од користољубие, туку дека извршиле грабнување и квалифицирано убиство на малолетно лице, па отаму е нејасна теоријата на докажувањето во текот на целиот судски процес во насока на докажувањето на користољубие како основен мотив за грабнувањето и убиството на детето. Не е изведен ниту еден доказ во насока на дејствија на таткото за да присили член на потесното семејство на детето да даде парични сретства на обвинетите за откуп на детето по исчезнувањето на детето на 27 ноември.
Застапникот на обвинението во завршниот збор од 11.06.2025 година самиот потврди дека во текот на оваа постапка не успеал да го докаже мотивот за извршување на кривичното дело но смета дека не е нужно мотивот да биде и докажан. Застапникот на обвинението во завршните зборови од 11.06.2025 година потврди дека нема докази со кои се докажува комуникацијата и поврзаноста помеѓу таткото Александар со Љупчо Палевски а во насока дека таткото дал упатства преку Љупчо Палевски за времето кога детето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште но смета дека сепак комуникација помеѓу нив иако недокажана сепак постоела бидејќи Палевски користел четири телефони и имал техничко познавање за телефони па лесно можел да ги избрише комуникациите со таткото и да ги уништи трагите па отаму било логично да нема доказ за нивната комуникација.
Ваквиот пристап на застапникот на обвинението во теоријата на докажувањето за учеството на таткото Александар дека комуникација помеѓу таткото и Љупчо Палевски имало, но сепак нема докази за постоење на комуникацијата затоа што било логично да нема доказ за нивната комуникација е недозволен и опасен преседан кој значи обвинување за претпоставена а не докажана вина, тврдење кое е потполно неосновано и паушално од причина што телефоните кои ги користел таткото се криминалистички вештачени, нема доказ за комуникација или избришани записи по претходна комуникација со телефонските броеви кои ги користел Палевски а кои ги посочува застапникот на обвинението.
Одбраната во овој судски процес го докажа спротивното, поточно докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека Александар во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете.
Од исказите на сведоците Зорица Ѓорчевска, Иванка Ѓорчевска, Зоран Ѓорчевски,Оли Нешковиќ и Иво Нешковиќ се докажува дека Александар иако разведен бил исклучително поврзан, одговорен и посветен родител со своите деца и имал висок степен на грижа за нив на дневна основа.
Овие сведоци дадоа јасен опис на настаните во критичниот период, од 27 ноември 2023 година до денот на пронаоѓањето на починатото дете, во кои настани заедно со таткото Александар и самите учествувале и по ништо нивните искази не се разликуваат од описот на настаните и дејствијата кои ги опиша и самиот татко Александар и сведокот Гоце Трајковски, напротив нивните искази во целост се совпаѓаат со исказот и описот што го даде таткото Александар во делот кои лица и какви дејствија превземале во насока на пронаоѓање на исчезнатото дете Вања, однесувањето на полицијата и причините за недовербата кон полицијата поради начинот на постапување.
Сведокот Зорица Ѓорчевска во својот исказ од 14.10.2024 година даде јасен опис на настаните кој во целост кореспондира со исказот на Александар Ѓорчевски. Овој сведок во темел ја дискредитира тезата на обвинителството дека помеѓу нив имало недоразбирања и несогласувања, напротив Зорица кажа дека имале добри односи секогаш, немале недоразбирања поради тоа што Александар извесен период не работел, немале финансиски проблеми, после разводот ги задржале добрите односи и разговарале само по прашања кои се однесувале на децата бидејќи секој од нив двајца имал свој живот.
Од исказот на овој сведок се потврдува дека од моментот кога е склучен договор за дар во април 2023 година и откако Александар им ги предал клучевите од станот, токму таа инсистира еден клуч од тој стан да остане кај Александар токму поради обврските кон децата и таа продолжила да ги плаќа сметките за тековните трошоци за станот од април 2023 година и започнала со реновирање на станот.
Токму сведокот Зорица Ѓорчевска потврди дека со нејзина согласност е издаден станот на улица Наум Наумовски Борче и дека со нејзина согласност таткото Александар ја земал киријата и немале никаков спор или конфликт по ниту едно прашање кое се однесува на овој стан.
Застапникот на обвинението во текот на целата постапка и во завршните зборови поради сопствената немоќ и немање докази да го докаже токму она што е опис во обвинителниот акт за Александар а тоа е дека Александар со умисла им помогнал на обвинетите за да извршат грабнување на детето Вања, а со намера некој друг-член на нејзиното потесното семејство да присилат да стори нешто, да даде парични сретства на обвинетите за откуп на детето, на начин што претходно татко на детето Вања преку обвинетиот Љупчо Палевски дал упатства,за времето кога детето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште, се обиде Александар морално да го понижи а со оглед дека судењето е јавно, и во јавноста и пред неговата ќерка Миња да го претстави како личност недостојна да биде татко и родител, нарко зависник и неработник, чија што единствена цел била да дојде до пари.
Застапникот на обвинението токму поради евидентните слабости и недопустиви пропусти во постапката и неодржливоста на поднесеното обвинение против таткото, се обиде да го дискредитира како личност и да докаже дека Александар не е добра личност бидејќи бил слаб ученик и имал слаби оценки во училиште.
Застапникот на обвинението се обиде од вообичаен тинејџерски бунт на дете да докаже дека децата не го сакале таткото и дека Вања имала постојан конфликт со него но од исказот на мајката Зорица произлегува потполно спротивното, таа вели дека таткото се скарал со децата меѓутоа Вања се скарала и со неа како мајка во јануари 2021 и дека Вања поради тоа отишла да живее кај таткото и после околу два-три месеци повторно се вратила кај мајката и за два до три месеци повторно се се вратило во нормала.
Во овој дел сведокот Дејан Димовски изјави дека од разговорот со родителите поради овој настан заклучиле дека родителите постојано се карале и Вања била склона кон самоповредување, па затоа мислеле дека детето избегало за да ги смири родителите, потполна конфузија заснована на недопустива површност во истрагата и неосновани претпоставки.
Токму исказот на Зорица Ѓорчевска е најдобар демант на ваквите тврдења. Имено, токму Зорица Ѓорчевска најдобро го опишува Александар како татко и родител. Посветен родител кој постојано физички се грижел за децата. Застапникот на обвинението се обиде да ја докаже инволвираноста на таткото со тоа што во неделата на 26 ноември испратил порака како да се облечат децата утредента за училиште бидејќи ќе било многу студено.
Сведокот Зорица Ѓорчевска во својот исказ потврди дека ваквата порака не ја зачудила бидејќи таткото постојано им кажувал на децата како да се облекуваат и што да прават со зборовите “сакаше постојано да се прави најпаметен”, и конечно ваквата теорија на докажување е неодржлива бидејќи од доказите и фотодокументацијата јасно произлегува дека детето воопшто не било облечено како што пишувало во пораката.
Застапникот на обвинението се обиде да го докаже учеството на таткото со тоа што таткото Александар во критичното време, утрото на 27 ноември, воопшто не прашал каде е неговата ќерка Миња, но токму исказот на Зорица ова го демантира, во својот исказ таа вели цитирам, “Не можам да се сетам дали ме праша каде е Миња, како е Миња или јас сама реков „Миња е дома ќе иде после на училиште„, тоа не можам да се сетам, потполно извртена теза која токму исказот на Зорица го демантира.
Застапникот на обвиненето се обиде да докаже дека таткото има учество во овој злочин бидејќи утрото на 27 ноември иако имал навика постојано да доцни сега спремен и облечен ја дочекал Зорица пред својата зграда, но на прашање Зорица се согласи дека тој вообичаено понекогаш помалку доцнел но во ваква ситуација секој нормален човек ќе облече и ќе стави на себе прво што ќе му дојде до рака токму како што тоа го направил Александар.
Застапникот на обвинението се обиде да докаже дека токму таткото веднаш уште утрото кажал дека Вања е киднапирана, но од исказот на Зорица Ѓорчевска произлегува дека таткото за прв пат изнел мислење дека Вања е киднапирана дури попладнето или во вечерните часови на 27 ноември кога сите веќе биле во домот на улица Наум Наумовски Борче, поточно откако веќе било јасно дека Вања цел ден ја нема, во оваа смисла цитирам одговор на прашање на судот, цитирам, Кога Александар ви кажа дека Вања е киднапирана, во колку часот одприлика критичниот ден, таа одговори: Не знам точно сабајлето ваљда не, меѓутоа отпосле кога се собравме кај мене. Од прилика во колку часот, таа одговори: Не сум сигурна меѓутоа веќе попладнето во понеделникот почна да ја збори таа приказна дека Вања е киднапирана меѓутоа не сум сигурна дали и тоа го спомна и во автомобилот кога отидовме да ја бараме.
Исказот на овој сведок во целост кореспондира со исказот на сведокот Гоце Трајковски по однос на тоа како се одвивала потрагата по детето, тврдењата на полицијата дека Вања избегала, како биле обезбедувани и прегледувани видео записите, учеството на родителите на децата, за тоа кои лица биле во станот во тоа време и сето тоа овој сведок го изнесе пред судот онака како што непосредно лично видел и забележал.
Застапникот на обвинението во текот на постапката се обиде да ја докаже инволвираноста на Александар со тоа што тој сам со возилото тргнал да ја бара Вања на неколку локации, но од исказот на Зорица Ѓорчевска се потврди дека Александар ниту нешто сокрил ниту се обидел нешто да премолчи пред Зорица, напротив самиот и кажал на Зорица дека бил со возилото да ја бара Вања кон Сарај, Арачиново, дека тргнал кон Блаце па се вратил назад поради гужва во сообраќајот, дека се јавил на неколкумина свои пријатели да го известат ако дознаат нешто, со ова се докажува дека Александар немал никаква намера ништо да сокрие или прикрие, напротив за се ја информирал Зорица.
Се докажа дека токму состојбата на паника, страв, избезуменост, вознемиреност и внатрешното растројство поради исчезнувањето на детето кај Александар била злоупотребена на начин што дејствијата кои во таква стресна состојба самиот ги превземал откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цена да го пронајде сопственото дете, биле потполно погрешно протолкувани и истото довело до потполно погрешен заклучок за неговата евентуална поврзаност или било каква инволвираност во овој кривично правен настан.
Потврда за погоренаведеното е исказот на сведокот Музафер Каришиќ кој изјави дека субјективно чувство било на неговите колеги во тој момент, дека таткото бил конфузен и чуден.
Застапникот на обвинението во текот на постапката се обиде со провокативни и навредливи прашања да ја дискредитира личноста на таткото за да докаже дека таткото Александар имал мотив да учествува во грабнувањето на сопственото дете бидејќи според тезата на обвинителството бил неработник, нарко зависник, кој има хронични долгови, накратко една потполно недостојна личност да биде татко, но фактите и аргументите за неговата личност кои беа изнесени во текот на постапката токму од неговата поранешна сопруга Зорица и останатите сведоци го говорат токму спротивното.
Високиот степен на сомнеж кон таткото како клучен фактор истиот да биде обвинет бил поради тоа што единствено тој тврдел дека детето е киднапирано.
Одбраната со материјални докази докажа дека ваквата теза е потполно погрешна и неточна.
Со доказите на одбраната изведени во оваа постапка и тоа изјави за медиумите на мајката Зорица во медиумите, Телма ТВ, Канал 5 и електронските портали, неполни 2 часа по нејзината објава на социјалните мрежи за исчезнувањето на детето Вања, во кои токму мајката Зорица искажува сомневање дека детето е киднапирано како мислење на семејството и неспорно е дека мајката Зорица контактирала со новинари и медиуми.
Фактот дека мајката Зорица во првичната објава на социјалните мрежи посочува дека се сомнева дека детето е киднапирано го потврдува и сведокот Дејан Димовски кој во својот исказ кажа дека мајката според нивните сознанија првично на социјалните мрежи објавила дека Вања е киднапирана а подоцна тој дел го избришала.
Со ова одбраната докажува во каква состојба на конфузност и избезуменост биле родителите и целото нивно семејство, се докажува дека целото семејство не знаело што всушност им се случува и зошто, мајката на Александар, Иванка Ѓорчевска изјави дека прво што помислила е дека детето е грабнато заради продажба на органи, потполна конфузија и немоќ на семејството.
Родителите на детето и нивното семејство го превземале токму она што би го превземал секој друг родител во ваква ситуација и сосема природно се сомневале дека детето е грабнато особено што како што и самите родители изјавија, многу добро си ги познавале децата, секогаш биле достапни, секогаш им се јавувале и точно знаеле каде и со кого се движат, никаде не оделе сами без да се јават на едниот или другиот родител и преку мобилните телефони имале GPS тракинг на движењето со родителите.
Застапникот на обвинението во текот на постапката се обиде да докаже дека таткото учествувал во грабнувањето со тоа што во вибер групата на родители наводно испратил порака за откуп, порака која наводно била избришана и за која во оваа постапка не се понуди ниту еден доказ дека конкретно лице-родител од вибер групата, ја прочитало или видело ваквата порака, ниту се понуди доказ за целосната содржина на пораката.
Колку е површно водена истрагата се докажува со фактот што според исказот на сведокот Дејан Димовски оваа околност дека била напишана и избришана порака со ваква содржина, дека истата била пратена по грешка во вибер групата од 30-на родители, била земена како утврден факт без при тоа да се обезбеди доказ за конкретно лице кое видело и прочитало порака со ваква содржина.
Доколку Александар навистина напишал порака со таква содржина и под претпоставка и да ја избришал, сигурно е дека најмалку 10 родители во вибер групата од вкупно околу 30-на родители, веднаш ќе реагирале на начин што ќе ја продолжеле комуникацијата со Александар со прашања, кој ти бара откуп?, каков откуп?, кога ти се јавија за откуп?, колку пари ти бараат? и слично.
Застапникот на обвинението се обиде да докаже дека таткото споделил информации и упатства кога детето само ќе излезе од дома за да оди на училиште бидејќи имал информација вечерта на 26 ноември од наставничката дека Миња нема да оди на прв час, информација која наставничката ја споделила во фејзбук и вибер групата на родители.
Застапникот на обвинението не докажа надвор од разумно сомнение на кого и на кој начин таткото вечерта на 26 ноември ја споделил информацијата и дал упатства дека детето Вања утредента ќе оди само на училиште, во оваа насока и самиот застапник на обвинението во завршниот збор од 11.06.2025 година потврди дека нема докази за комуникација со обвинетите.
Застапникот на обвинението се обиде да го дискредитира таткото Александар како личност со тоа дека таткото е нарко зависник и тука да го бара мотивот за грабнување, но во оваа постапка се докажа дека таткото Александар бил зависник од наркотици во 90-те години и самиот побарал стручна помош и заминал на лекување во Турција, тој во ниту еден момент не се обиде да го сокрие овој факт и како што самиот кажа воопшто не е горд на тоа што го направил, тој им кажал на своите родители и за ова знаела и неговата сопруга Зорица.
Застапникот на обвинението се обиде да го прикаже таткото како личност која никогаш во својот живот не работела, но одбраната со материјални докази докажа дека таткото бил вработен во повеќе компании, ја напуштил работата од семејни причини за да им се посвети на децата, конечно тоа е семејна работа за која имал согласност и подршка од неговата тогашна сопруга Зорица и од неговото семејство и не може да биде мотив ниту доказ за ваков грозоморен чин.
Застапникот на обвинението се обиде да го дискредитира таткото по однос на имотната состојба, но се докажа дека имотот на таткото од неговото семејство е стекнат на законит начин неоспорен од никого, а префрлањето на становите помеѓу него и мајката Зорица се извршени на законит начин.
Застапникот на обвинението во текот на целата постапка и во завршните зборови се обиде да ја наметне тезата дека токму меѓусебното префрлање на становите се клучната причина за користољубието како мотив за учеството на таткото во овој грозоморен чин и се обидуваше да наметне теза дека помеѓу родителите на Вања постоеле недоразбирања во оваа смисла но токму од исказот на Зорица Ѓорчевска како сведок на обвинителството се докажува дека помеѓу родителите немало спорни прашања во оваа смисла, дека меѓусебното префрлање на становите е направено со нивна согласност и добра воља, дека токму Зорица станот на Наум Наумовски Борче го префрлила на Алаксандар во 2018 година а во 2023 година побарала да се префрли на децата затоа што децата побарале да имаат секоја своја соба, а Александар во интерес на децата го префрлил и неговиот стан на ул.Партизански Одреди во кој денеска живее со својата мајка иако тоа од него никој не го побарал, двајцата се согласиле и се договориле тоа да го направат на начин како што всушност и постапиле.
Таа во својот исказ кажа дека Александар побарал документи за нотарска заверка и едноставно престанала да инсистира на нотарската заверка но во ниту еден момент не посочи нечесни или скриени намери од негова страна.
Неспорно е склучен договор со кој таткото формално станал сопственик на станот на ул.Наум Наумовски Борче, а неспорно е дека вољата на родителите била на две станбени единици сопственици да станат нивните деца Вања и Миња.
Со ваквиот договор помеѓу мајката и таткото, децата станале даночни обврзници за што се доставени докази, а фактот што истиот технички не е солемнизиран кај надлежен Нотар не ја оспорува воспоставената сопственост, станот на Наум Наумовски Борче е со согласност на таткото и мајката предаден во владение на мајката и децата Вања и Миња и тоа неколку месеци пред настанот, а ниту мајката ниту било кој друг до денеска не покренал тужба за оспорување на склучените договори или за утврдување сопственост или исполнување на договор.
Од страна на мајката било побарано да се врати станот на ул.Наум Наумовски Борче, па оттаму доколку таткото имал скриени мотиви и намери немало да инсистира со истиот договор да се изврши и пренос на стан кој е негова исклучива сопственост и во кој живее заедно со неговата мајка, а тоа е стан на бул Партизански одреди.
Доколку таткото немал добри намери и добра воља и доколку односите помеѓу мајката, таткото и децата не биле добри, таткото немал никакви законски пречки да ја задржи сопственоста на станот на ул.Наум Наумовски Борче, слободно да располага, и да одбие да ја пренесе сопственоста на било кого.
Едноставно, неколку години наназад тој бил формално правно исклучив тутулар и сопственик на овој стан и можел согласно законот слободно да располага со истиот по сопствена воља непопречуван од никого, а доколку навистина му биле потребни пари можел станот да го огласи за продажба и во тој случај ниту мајката Зорица ниту нивните деца не би имале законско право на било каков приговор или спор.
Во овој дел користољубието за извршување на ваков злочин е целосно исклучено, поставено на паушални основи пред се поради погрешната насока во која е водена истрагата без темелна анализа и игнорирање на состојбите и фактите кои постоеле во тоа време, а кои укажуваат на поинаква состојба на работите.
Застапникот на обвинението се обиде да ја докаже инволвираноста на таткото во овој грозоморен чин со тоа што според обвинителството неговото однесување во критичниот период било чудно и сомнително бидејќи се упатил со возилото во насока кон Качанички пат и на други локации, почнал да бара снимки од безбедносните камери од околните објекти и истите да ги анализира.
Одговорот на прашањето во каква состојбата се наоѓа човек што бара свое исчезнато дете и оценка за тоа дали е чуден, конфузен или сомнителен, ќе го добиеме откако секој од нас ќе се стави во иста положба како таткото на Вања да бара сопствено исчезнато дете.
Се докажа дека кај таткото првиот ден на 27 ноември владеела потполна конфузија и вознемиреност, потиштеност и тага, со материјален доказ се докажа дека таткото контактирал со негов роднина, доктор психијатар Дарко Костовски од ГОБ 8 Септември, а со цел да се изврши проверка дали детето е примено или пријавено како повредено во сообраќајна незгода, таткото се движел со возилото бесцелно со надеж дека ќе го забележи и најде детето како се движи пеш.
Во завршните зборови застапникот на обвинението теоријата на докажувањето за инволвираноста на таткото ја гради со вибер комуникација на таткото Александар со лицето Дејан Кускински и при тоа со намера или без намера, заборава да каже дека Дејан Кускински е родител на детето Настасија која е соученик со детето Миња помалата ќерка на Александар и дека истиот е дел од вибер групата на родители и дека токму овој родител воспоставува повикувачки повик кон Александар во моментот кога во вибер групата дознава за исчезнувањето на Вања.
Во завршните зборови застапникот на обвинението теоријата на докажувањето за инволвираноста на таткото ја гради со спомнување на лице Михајло Зиков како лице кое остварило телефонски контакт со Александар, но при тоа со намера или без намера, заборава да каже дека Михајло Зиков Бровен е поранешен колега на Александар во Фершпед и Кометал а во тоа време вработен во брокерско друштво на Комерцијална Банка Скопје заедно со неговата сопруга Наташа кои се блиски пријатели со Александар.
По однос на обезбедените снимки од безбедносните камери од околните објекти одбраната докажа дека таткото заедно со сведокот Гоце Трајковски од утредента од 28 ноември одлучил самиот да тргне во потрага по детето од причина што полицијата немала никакви резултати и тврдела дека најверојатно Вања била избегана, со дечко во Тетово, во Шведска, се приклучила во движењето ИСИС, биле убедувани дека не си ги познаваат децата, теории кои за родителите и семејството не биле прифатливи бидејќи добро си ги познавале децата.
Во завршните зборови застапникот на обвинението теоријата на докажувањето за инволвираноста на таткото ја докажува со избришаните податоци од ресиверот од безбедносната камера од подвижниот објект лоциран на локација фонтана наспроти зградата на Наум Наумовски Борче, а од исказот на сведокот Дејан Димовски се докажува дека податоците не се избришани туку воопшто немало никакви податоци што е во доказна смисла битно различно, едноставно не е докажано дека податоци постоеле и биле избришани туку воопшто немало никакви податоци.
Во текот на постапката се потврди дека таткото на Вања бил свесен дека некаде од ден среда 29 ноември тој бил таргет и цел на истрагата од страна на полицијата и самиот тоа го кажа на главната расправа, едноставно останува чувството дека полицијата имала негативен став и однос кон Александар, а неговата вина била само затоа што на некој полициски службеник му бил сомнителен, а тоа се докажува и со односот кон него и силината на тортура која е применета токму од полициските службеници, а подоцна и од затворската полиција за што постои известување од Хелсиншкиот комитет за човековите права.
Колку е темелно водена истрагата кон таткото Александар говори и фактот што возилото на таткото со кое дошол во полициската станица дента кога бил лишен од слобода воопшто не било обезбедено ниту било предмет на криминалистичка обработка, а дури после околу еден месец по неговото лишување од слобода, член на семејството го земал возилото пред полициската станица каде што останало паркирано.
Колку сето тоа што му се случувало било потполно конфузно и нереално се докажува и со изјавата на Зорица Ѓорчевска која кажа дека дури од медиумите дознала дека Александар е притворен.
Сведоците Дејан Димовски и Музафер Каришиќ во своите искази беа јасни и категорични дека не успеале да обезбедат ниту еден доказ против таткото на детето за неговата инволвираност во грабнувањето туку само им бил сомнителен и дека тоа е нивно лично мислење и субјективно гледање на работите, конечно сведокот Дејан Димовски во својство на Началник на оделението за сериозен и насилен криминал при МВР во целост се огради од поднесеното обвинение и во оваа смисла пред судот изјави цитирам извод од ЦД аудио-видео запис“ ние не го обвинивме, таткото го обвини обвинителот”.
Сведокот Гоце Трајковски детално ја опиша неговата улога во деновите кога заедно со Александар тргнале во потрага по детето, обезбедувајќи видео записи од околните објекти, ги анализирале во станот каде што живеело детето со мајката, во присуство на мајката Зорица и другите членови на семејството кои биле присутни во критичниот период.
Овој сведок потврди дека се вклучил во потрага по детето од ден 28 ноември, дека претходниот ден 27 ноември, стапил во контакт со Александар и Зорица преку неговата мајка Кираца Трајковска која од него побарала да им помогне бидејќи семејствата долги години се познавале и се почитувале и имале сватовски врски.
Овој сведок потврди дека бил вознемирен бидејќи неговата ќерка учи во истото училиште и се ставил на располагање и ја опиша својата улога во обезбедувањето на снимки од безбедносните камери од околните објекти.
Овој сведок потврди дека токму тој му ги споделувал информациите на Александар и дека сето она што Александар го имал како сознание го дознал од него.
Сведокот потврди дека во потрагата ги користел своите пријателски врски и познанства со лица вработени во полицијата и СЕЈФ СИТИ, потврди дека токму тој ги добил информациите за возилото ЦИТРОЕН неколку дена по исчезнувањето на детето, како возило кое се бара, а било во сопственост на исчезнат велешанец.
Сведокот Зорица Ѓорчевска во својот исказ потврди дека и таа е сведок дека Гоце имал пријателски врски во полицијата.
Сведокот потврди дека од видео записите кои ги гледал заедно со Александар токму тој почнал да ги поврзува работите по однос на возилото ЦИТРОЕН.
Сведокот потврди дека обезбедените снимки заедно со Александар ги препраќал во полиција кај Музафер Каришиќ и Дејан Димовски и врз основа на тоа добил информации од пријателските врски дека возилото ЦИТРОЕН полицијата го бара неколку дена наназад, но потврди дека во првиот момент не бил сигурен за што точно се работи и мислел дека исчезнатиот Панче всушност го измамил детето преку социјалните мрежи.
Овој сведок потврди дека сознанијата за потрага по возилото ЦИТРОЕН кое наликува на возилото од обезбедените видео записи Александар ги добил од него, на начин што откако контактирал со пријателската врска од СЕЈФ СИТИ, целиот разговор Александар го слушнал бидејќи во тој момент бил до него во станот на Наум Наумовски Борче, а разговорот се одвивал преку спикерфон.
Од тој момент Александар и Гоце биле целосно фокусирани кон движењето на ова возило според видео записите.
Со ова се потврдува фактот дека Александар и Гоце веќе имале сознанија за ова возило, но не ја информирале полицијата поради страв да не ја откријат пријателската врска во полицијата.
Сведокот потврди дека откако ги добил сознанијата за возилото и неговиот сопственик веднаш започнал да пребарува на социјалните мрежи и така дошол до сознание дека веќе имало објава за исчезнато лице од Велес по име Панче Жежовски и имало фотографии и од возилото ЦИТРОЕН на кои можело јасно да се забележи и бројот на регистерската табличка.
Сведокот потврди дека токму тој на Александар му ја покажал објавата за исчезнатото лице Панче Жежовски со фотографии од возилото ЦИТРОЕН.
Сведокот во својот исказ појасни дека токму ова возило на видео записите на различни локации имало поинакво движење во однос на другите возила.
Овој сведок го опиша неговиот однос со полициските службеници Музафер Каришиќ и Дејан Димовски и појасни дека токму овие полициски службеници му давале насоки тајно да го снима таткото, го повикувале во вечерните часови во СВР Скопје и го распрашувале за Александар, го распрашувале дали Палевски имал контакти со Зорица и таткото на Зорица, му давале насоки како да постапува и воедно ја опиша работната просторија во СВР Скопје и распоредот на седење на посочените лица во моментот на разговорот.
Сведокот потврди дека за насоките кои ги добил од полицијата ја известил сестрата на Александар, Оли Нешковиќ.
Сведокот потврди дека никогаш не кажал дека таткото Александар е член на политичката партија ДЕСНА ниту бил присутен во моментот на претресот на дом.
Овој сведок потврди дека по барање на полицискиот службеник Музафер Каришиќ преку негов роднина од Велес кој работи на бензинската пумпа во Велес обезбедил видео запис и го предал на полицијата.
Токму овој сведок потврди дека во моментот кога добил сознанија дека детето Вања е пронајдено, токму од полицискиот службеник Музафер Каришиќ му било кажано да го побара телефонски таткото и тој тоа го сторил, но од разговорот сфатил дека таткото Александар е во полиција и сеуште не знае дека Вања е пронајдена, поточно сеуште никој не му соопштил дека детето е пронајдено починато.
Имено, темелот на обвинението против Александар во насока дека преку Љупчо Палевски давал упатства за движењето на детето и времето кога излегува од зградата за да оди на училиште за да извршат грабнување на ден 27 ноември е целосно дискредитиран од материјалните докази, видео записи од безбедносните камери во куќата на Велибор Маневски каде што јасно се гледа врската и поврзаноста на останатите обвинети, нивните средби и комуникација со радио станици, јасно се гледа дека сега обвинетите Велибор Маневки и Боре Видевски на ден 24 ноември (петок) со возило марка РЕНО КАНГУ тргнуваат од дворот на куќата на Велибор Маневски во првичниот и неуспешен обид за грабнување на детето Вања и при тоа јасно се гледа дека за кратко време се враќаат со возилото во дворот на Велибор Маневски поради тоа што ја заборавиле лопатата која се гледа како Велибор Маневски ја зема од куќата и ја става во средната клизечка врата од возилото после што заминуваат за да го извршат грабнувањето.
Велибор Маневски во својот исказ од 12.03.2025 година ќе каже дека во четвртокот утрото на 23 ноември тргнале за прв пат за да ја грабнат жената но малку задоцниле временски по што не можеле да стигнат на време па се вратил со колата ЦИТРОЕН што претходно ја земале од паркираното место од претходниот ден и повторно се вратил, но сега ја препаркирал колата ЦИТРОЕН, вториот пат на главната улица што води према Маџари од десна страна и си заминале повторно во канцеларија и од таму продолжиле за Велес, повторно со пикапот РЕНО Канго.
Во четвртокот ноќта на 23 ноември повторно биле во Скопје за да пробаат по втор пат да ја грабнат жената што претходно ја лоцирал Љупчо Палевски.
Утрото на 24 ноември стасале на местото т.е. пред зградата, требало по кажување и организација на Палевски, жената симнувајќи се по скалите од излезот да се бутне во сутеренот на зградата на нискиот дел надвор и таму да ја врзува но и покрај тоа што не му се допаѓало таквото грабнување во прилог му дошло и тоа што од еден од дуќаните на сутеренот излегла жена, па така се одложило и вториот пат грабнувањето.
Застапникот на обвинението за критичното време 23 и 24 ноември не понуди ниту еден разумен доказ за постоење на било каква комуникација помеѓу таткото и Љупчо Палевски или со било кој од обвинетите, а во насока на докажување на дадени упатства за времето кога детето ќе излезе од домот за да оди на училиште.
Со ова се докажува дека обвинетиот Александар ниту ги познава останатите учесници во постапката, ниту има било каква поврзаност помеѓу него и останатите обвинети во оваа постапка, а обвинетите според начинот на делување според овие видео записи имале јасен претходно договорен план за грабнување, а подоцна и егзекуција на жртвата од зградата на ул.Наум Наумовски Борче.
На ова се надоврзува исказот на Велибор Маневски од 19.03.2025 година во кој појасни дека намерата за грабнување на лица датира уште од 2022 година и дека за тоа помеѓу нив се раговарало во штабот на партијата ДЕСНА.
Овој обвинет појасни дека токму Љупчо Палевски ја одбрал жртвата од зградата на ул.Наум Наумовски Борче, а биле во опција повеќе личности станари во зградата, но според овој сведок токму Љупчо Палевски 10-на дена до две недели пред грабнувањето ја следел жртвата и нејзините навики и при тоа даде јасен опис на фотографиите кои ги направил Палевски и кои му биле покажани од жртвата, жена на возраст од околу 38-40 години, едната како жртвата излегува од зградата на влезните скали, другата како жртвата се движи десно од влезот во правец спрема бул.Партизански одреди и две фотографии снимени од возило.
Застапникот на обвинението не понуди ниту еден посреден или непосреден доказ за било каква поврзаност и комуникација на таткото со Љупчо Палевски или било кој од обвинетите токму во овој период на подготовка за реализација на планот за грабнување на жртвата од зградата на Наум Наумовски Борче.
Од доказите, записници за сослушување на осомничен од 03.12.2023 година јасно произлегува дека овој обвинет воопшто не го посочува таткото Александар туку за прв пат таткото Александар го посочува во својот исказ на ден 06.12.2023 година, а во својот исказ даден на главна расправа на ден 19.03.2025 година појаснува дека таткото му го покажале за прв пат на слика на телефон во полициска станица на распит каде што со сила бил принуден да каже дека Љупчо Палевски и Александар имале контакт на телефон и појасни каква тортура му била вршена во насока по секоја цена да биде инволвиран таткото Александар.
Според исказот на овој обвинет помеѓу него и останатите обвинети постоел јасно разработен план за извршување на кривичните дела, временска рамка од еден месец во која бил направен план за реализација на грабнувањето на жртвата на повеќе одржани средби, поделба на улогите за заедничко делување, физичко следење на нејзиното движење, фотографирање и евидентирање на времето на влегување и излегување од зградата како и насока на движење.
Застапникот на обвинението не понуди ниту еден посреден или непосреден доказ за било каква комуникација на таткото со обвинетите по извршеното грабнување на 27 ноември, што би било природно и логично за лице кое претходно со умисла помага со давање упатства и информации мотивиран од користољубие, не понуди посреден или непосреден доказ што е тоа што требало да го добие таткото за своето учество во грабнувањето, не понуди посреден или непосреден доказ за тоа од кого требало да бидат изнудени парични сретства за откуп и каква корист од сето тоа би имал таткото, едноставно конструиран случај без логична целина и поврзаност.
Застапникот на обвинението тврди дека иако за таткото нема докази за мотивите за извршувањето на кривичното дело сепак тој учествувал во извршувањето на кривичното дело, тврди дека иако нема докази за комуникација помеѓу него и Љупчо Палевски сепак давал упатства за времето кога детето ќе излезе од својот дом за да оди на училиште, тврди дека обвинетите Велибор Маневски, Влатко Кешишев и Боре Видевски ги менуваат исказите по однос на учеството на таткото за да го заштитат од кривичен прогон, па отаму се поставува логично прашање, зошто и каков интерес би имал обвинет, на кого за вакво кривично дело му е запретена доживотна казна затвор, да менува исказ за да го заштити таткото од кривичен прогон особено во ситуација кога Велибор Манев и Влатко Кешишев пред судот во својот исказ дадоа признание за нивното учество во извршувањето на кривичното дело и дадоа јасен опис на дејствијата и настаните.
Застапникот на обвинението во текот на постапката и во завршен збор кажа дека не е пријавено вршење на тортура во текот на постапката заборавајќи дека до истиот Јавен обвинител е доставено известување за вршење тортура спрема Александар на ден 18.01.2024 година од моја страна како бранител, барање за доставување два лекарски извештаи од судија на претходна постапка од 16.02.2025 година за нанесените повреди при вршењето тортура, како и докази од извештајот од Хелсиншкиот комитет за човековите права кои ја спроведоа постапката со дозвола на судија на претходна постапка во фаза на истрага.
Застапникот на обвинението постапил спротивно на законот иако бил должен ваквото известување да го препрати до надлежното јавното обвинителството за ГОКК- оделение за постапување спрема полициските службеници заради понатамошно постапување, но тоа не е направено.
Имајќи предвид дека правна претпоставка за постоење на ова кривично дело е постоење на умисла кај сторителот, застапникот на обвинението не докажа надвор од разумно сомнение дека Александар имал било каква поврзаност со останатите учесници во овој кривично правен настан, ниту дека имал умислен придонес во извршувањето на кривичното дело на друг откако извршителот донел одлука за неговото извршување.
Вака поднесеното паушално и неосновано обвинение за таткото на детето е резултат пред се на површно и неправилно водена истражна постапка и повреда на сите приципи на кои почиваат основите на криминалистичката истрага и процесот на криминалистичкото профилирање чија што основа представуваат исклучиво доказите кои требало да се анализираат со цел точна и неспорна идентификација и утврдување на личноста на извршителот.
Во оваа смисла по однос на обвинетиот Александар се докажа дека ваквото обвинение е резултат на прекршување на основните принципи на кои почива истражната постапка и криминалистичка истрага, во која не е направена прелиминарна анализа на информациите, ниту е направена нивна организација и диференцијација, ниту била формирана основа на структурата за одлучување.
Токму од доказите на обвинителството произлегува дека доказите од видео надзорот врз основа на кои се темели обвинението се обезбедени и прибавени токму од обвинетиот Александар и сведокот Гоце и тоа со знаење, согласност и со напатствија од полициските службеници кои учествувале во истражната постапка.
Конечно, според динамиката на настаните и доказите, таткото на детето воопшто не им бил потребен на обвинетите за да им даде упатства за времето кога детето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште бидејќи според доказите кај обвинетите претходно веќе бил создаден план за грабнување а подоцна и за егзекуција на личноста, имале сознанија за станарите во зградата, ги превземале сите мерки и активности за реализација на планот, имале јасна поделба на трудот во рамките на заедничко делување заради извршување на криминалниот чин, еден месец пред грабнувањето донеле одлука истото да го извршат, ја следеле и фотографирале жртвата 10-на дена до две недели пред да го извршат грабнувањето, а утврдено е дека имале два неуспешни обиди за грабнување, на 23 ноември утрото и на 24 ноември утрото, како што вели Велибор Маневски, а нема зошто да не му се верува.
Врз основа на сето погоренаведено му предлагам на судот да го ослободи од обвинение обвинетиот Александар Ѓорчевски бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар.
Предјавувам трошоци во кривична постапка за застапување на обвинет на главна расправа како и учество во жалбена постапка на јавни седници пред Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд на РСМ како и за реализирани посети на притворено лице во КПУ Затвор Скопје според електронската евиденција на затворот за што ќе доставам образложен трошковник.