
ВИДЕО| Триесет луѓе се уапсени на протестите во Тулуз, Брест и Марсеј, во моментов има 40 блокади
Триесет демонстранти се уапсени на протестите во Тулуз, Брест и Марсеј, според извештајот на француската полиција објавен во 8 часот наутро.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Полицијата, исто така, пријави околу четириесет блокади низ целата земја, јавува BFM TV.
Во Франција, за денес се најавени 250 собири по повод Денот на социјалната мобилизација, а се очекуваат помеѓу 600.000 и 900.000 демонстранти низ целата земја, според француските медиуми.
Според проценките на француското Министерство за внатрешни работи, се очекува денес во Париз да протестираат помеѓу 50.000 и 100.000 луѓе, јавува BFM TV.
Синдикатите најавија масовен одѕив на едукатори, студенти, транспортни работници, таксисти и работници во индустријата, додека речиси 80.000 полицајци ќе бидат распоредени за да го обезбедат јавниот ред и да спречат немири.
Според податоците, околу 33 проценти од наставниците во основните училишта и вработените во предучилишните установи учествуваат во протестите, пренесува BFM.
Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Рејтиљо рано утрово извести за „обид за блокади“ во Парискиот регион, особено на автобуските станици во Обервилие и Сен Дени.
Прекини во јавниот превоз се пријавени во неколку поголеми градови низ земјата, вклучувајќи ги Лион (трамвај, автобус), Марсеј (автобус), Лил (метро, трамвај, автобус), Тулуз (метро, автобус), Бордо (трамвај, автобус), Нант (трамвај, автобус) и Стразбур (трамвај, автобус), пренесе BFM TV.
Рејтиљо претходно испрати телеграма до префектите низ цела Франција во која ги наведува насоките и целите за обезбедување на јавниот ред за време на претстојните протести.
Тој посебно предупреди на потенцијални закани од ултралевичарски групи кои би можеле да се обидат да се инфилтрираат во официјалните демонстрации, нагласувајќи дека постои „значаен ризик од нарушување на јавниот ред“.
Околу триесет ученици го блокираа средното училиште „Морис Равел“ во Париз, објави Фигаро.
Во Мартиник е спречен обид за саботажа на водоводната мрежа, соопшти полицијата.
Се вели дека полицијата интервенирала на автобуската станица во Париз и употребила солзавец.
На претходниот протест, одржан на 10 септември, се собрале речиси 197.000 луѓе, според податоците од Министерството за внатрешни работи.