
ВИДЕО | Тренчевска: Со линеарното зголемување на пензиите се врши историска измама на пензионерите
СДСМ ја обвини Владата дека подготвува историска имама на пензионерите, со последната одлука за линеарно згоелмување на пензиите за 1.000 денари. Од партијата велат дека пензионерите ќе бидат два пати оштетени со оваа одлука, еднаш во септември и еднаш во март следната година.
Препорачано
Тие побараа од Владата веднаш да го повлече предложениот модел и пензионерите да добијат зголемување согласно важечкиот закон и нивниот реален придонес во системот.
„Денес ќе ја изложиме целосната пресметка и фактите за македонските пензионери да разберат за каква манипулација се работи. Пензионерите не само што се оштетени сега, туку и идното усогласување во март 2026 ќе се врши на пониска основица, што значи дека и тогаш ќе добијат помалку од заслуженото“, изјави пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Според постојниот Закон за пензии, усогласувањето треба да се врши двапати годишно, во март и во септември, но и да се базира на растот на платите и животните трошоци. Ако не се промени законот, велат од опозицијата, пензиите во септември ќе се зголемат за околу пет отсто.
„Тоа значи дека за пензија од 25.000 денари зголемувањето ќе беше 1.250 денари, а сега се добива само 1 000. Кај повисоките пензии штетата е уште поголема. На пример, за пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, пензионерите ќе добијат двојно помалку“, реагираат од СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека од вкупниот број пензионери дури 92,5 отсто ќе земаат помалку пари од тоа што би добиле со редовно усогласување. Само 7,5 отсто ќе имаат минимална корист.
„Со ваквото линеарно зголемување се нарушува принципот на правичност – секој да добива според својот придонес. Ова е не само нечесно, туку и штетно за пензискиот фонд, кој веќе се соочува со дефицит над 47 проценти и сооднос од само 1,6 вработени на еден пензионер – најлош досега“, додаваат од таму.