
ВИДЕО: Тошковски вели дека некои пожари се подметнати и може да се дел од „поинакво сценарио“
Македонија го активираше Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, барајќи помош за справување со големиот број на пожари во земјава. Оваа одлука доаѓа откако во Македонија избувнаа десетици големи пожари на отворен простор. Грција веднаш одговори на барањето и испрати два специјализирани авиони од типот „Канадер“, кои се вклучија во гаснењето на пожарот кај селото Николиќ во близина на Дојран.
Препорачано
Ова денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека има основано сомнение дека некои од пожарите се подметнати и дека тие се дел од „поинакво сценарио“ од случајноста.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва по состанокот на Kризниот штаб во Владата, кажа дека сите денешни пожари се ставени под контрола, но и оти има докази дека се намерно подметнати и распламтени. Тој рече дека нема да ја загрозува предистрагата и да открива детали, но станало пресимптоматично што како се гасел еден, веднаш стартувал друг, па трет итн.
„Морам да напоменам дека можеби се работи за поинакво сценарио, од сценариото на случајност. Во текот на вчерашниот ден фативме лице кое со умисла палеше оган. Лицето беше пронајдено и му беше изречена најстрога мерка, притвор. Многу е симптоматично како се неутрализира еден пожар, почнува втор, а како се неутрализира втор, стартува трет пожар. Од страна на МВР сум информиран дека се сомневаат оти станува збор за одредено сценарио кое сака да се постигне во Македонија“, рече тој.
Вчера, директорот на дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов рече дека имало обид намерно повторно да се реактивира пожарот кај Чучер-Сандево кој беше е под контрола и додека пожарникарите го догасувале пожарот нашле фрлени дрвени палети премачкани со бензин.
Тошковски додаде дека симптоматично е и тоа што дел од пожарите се во близина на важни инфраструктурни објекти. Според него, ставени се под контрола пожарите во Орман, Волково, Визбегово, Крива Паланка, Самоков и кај дојранското село Николиќ.
Министерот рече дека во гаснењето на пожарите, повикана е европска помош, па грчки канадери помогнале во Дојран.
Центарoт за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 18 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати. Од ЦУК велат дека ангажирани се припадници од Армијата, кои активно учествуваат во гаснењето на повеќе позиции.
Сообраќајот на обиколница Скопје е нормализиран во двата правци, откако од 17 часот беше затворена е за сообраќај од клучка Арачиново до клучка Приштина и од клучка Радишани кон Тетово и обратно од клучка Орман до клучка Мирковци. Пуштен е сообраќајот кон граничниот премин „Блаце“, но само за патнички возила – за камионите останува во сила забраната.
ВИДЕО | Жители на Чучер Сандево нашле запалени гуми: Некој пак сака да ги распали пожарите