
ВИДЕО | Шкендија слави голема победа над ФЦСБ во Лигата на шампионите
Денеска во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите на Националната Арена „Тодор Проески“ – Скопје фудбалерите на Шкендија триумфираа со 1:0 против ФЦСБ или поранешна Стеауа од Романија.
Препорачано
Македонскиот шампион покажа голема борба во текот на целиот меч против поранешниот европски првак и летово тетовските „црвено-црни“ можат да испишат историја на меѓународната сцена.
Единствениот погодок се случи во 65 минута кога по центаршутот на Трумчи скокна Адаму Алхасан во казнетиот простор на гости и со глава ја смести топката во противничката мрежа.
Имаше и по еден црвен картон на двете страни – најпрвин Џака кај домаќините поради груб прекршок врз Крету, а девет минути подоцна кај Романците теренот предвреме го напушти Танасе кој со груб прекршок спречи контра на Љатифи.
Во текот на првото полувреме тимот на ФЦСВ беше доста поконкретен и поопасен по голот на Гаје. Токму интернационалецот од Гамбија беше и еден од најзаслужните со неговите одбрани и не дозволи ниту еднаш да биде совладан.
Шкендија единствената шанса во првото полувреме ја имаше во 33 минута преку Тамба, но неговиот удар го одбрани Кирикеш. Во вториот дел, поточно во 55 минута романскиот претставник можеше прв да дојде до предност, но за среќа на екипата на Беќири, Танасе ја погоди стативата.
Реваншот ќе се игра на 30 јули во Букурешт со почеток од 19:30 часот. Доколку Шкендија успее да ја одбрани позитивата на возвратниот дуел во европскиот настап, сезонава ќе има најмалку обезбеден настап во групите на Конференциската лига на УЕФА.