Ева Ристевска, сестрата на убиената Теодора / фото: Тетово Инфо / скриншот

ВИДЕО | Сестрата на Теодора: Дали некој ќе ми објасни колку вреди животот на сестра ми?

Ева Ристевска, сестрата на младата тетовчанка Теодора, убиена од возачот Менсур Пајазити на пешачки премин, денеска низ солзи изрази огорченост од денешната пресуда на судот, кој му досуди две години на Пајазити, обвинет за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од ставот 4, за кој е предвидена затвор од една до пет години.

„Колку вреди животот на сестра ми? Дали животот некој може да ѝ го врати? Дали нејзината младост некој може да ја врати? Мојата младост дали може да ја врати, мојата душа дали може да ја врати? Две години го осудија човеков што уби човек, две години го осудија… Со две години ние треба да сме задоволни? Не, не може со две години. Максималната казна од пет години мене нема да ми ја врати Теодора, ќе ми ја олесни маката, ќе каже на секој еден што ќе го доживее истово, не дај Боже, дека ќе има правда. Ако стигне до максимална казна, тогаш ќе има правда, јас верувам во правда. Колку вреди животот во Македонија?,“ праша сестрата на убиената Теодора, која денеска револтирана го напушти рочиштето во Основниот суд во Тетово заедно со таткото Круме.

Пајазити, кој во септември 2022 година ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска, денеска во судот призна вина за делото што му се ставаше на товар, а судијата тоа го ценел како една од околностите во насока на пониската казна.

„Обвинетиот управувал возило „БМВ“ со брзина од 59 километри на час, која не е прилагодена на условите на патот, за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот, сега покојната Теодора Ристовска, која поминувала на обележан пешачки премин“, наведе судијата Елведин Ферати при читањето на пресудата, според „Тетово Инфо“.

Тетовскиот суд во ноември 2023 година пресуди три и пол години затвор за возачот. Пајазити ја обжали казната, по што таа му беше намалена на две години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот