Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Рис Витерспун откри дека во младоста била жртва на злоупотреба во врска: „Мораше да го препрограмирам својот мозок“

Холивудската ѕвезда Рис Витерспун гостуваше во поткастот „The Interview“ на „Њујорк тајмс“ и отворено проговори за својот живот и за тешките моменти со кои се соочила. Таа раскажа дека како млада девојка доживеала злоупотреба во една врска.

Како што опиша, не станувало збор само за скршено срце, туку и за уништување на самодовербата.

„Бев многу добра во тоа да бидам професионална, да се појавам и да ја завршам својата работа“, рече таа и нагласи дека сè уште го барала својот емоционален пат.

„Влегувате во врски кои не ви одговараат, а понекогаш дури и не гледате што точно се случува“, додаде.

Призна и дека таа насилна врска ѝ го скршила духот и дека извесно време верувала оти „ужасните работи“ што ѝ ги зборувале другите биле вистинити. По сето тоа морала повторно да ја изгради својата самодоверба, што воопшто не било лесно.

„Мораше да го препрограмирам својот мозок“, рече Витерспун.

Иако било потребно многу време повторно да ја стекне самодовербата, таа смета дека тоа искуство било клучна пресвртница за да стане жената каква што е денес.

Витерспун зборуваше и за животот под рефлекторите.

„Многу е тешко да се биде јавна личност. Имам голема емпатија за луѓето кои живеат јавен живот и се обидуваат да ја зачуваат приватноста“, истакна таа, осврнувајќи се на фотографите кои ја снимаат без прашање.

„Како да сте животно во зоолошка градина, а не личност со деца која има и приватен живот“, опиша актерката.

Познатата актерка неодамна откри и како успеала да ја балансира холивудската кариера со воспитувањето на своите три деца.

„Некој ме праша како изгледа воспитување на три деца и градење кариера во Холивуд… Изгледаше како многу време поминато во филмски приколки. Изгледаше како постојано да сме на пат заедно. Изгледаше како моите деца постојано да ми даваат совети за кариерата“, раскажа таа.

Витерспун има две деца, Ава и Дикон, со поранешниот сопруг Рајан Филипи, и едно дете, Тенеси, со поранешниот сопруг Џим Тут.

„Понекогаш беше навистина напорно. Плачев работејќи по 14 до 17 часа, понекогаш цела ноќ, а сепак станував рано за да ги носам децата. Бев исцрпена. Се трудев вечер дома да кажам нешто позитивно за работата, за моите деца да знаат дека мојот труд има смисла и дека може да биде забавен. Но, на крајот, иако понекогаш беше тешко, имањето деца ми даде перспектива за тоа што е навистина важно во животот. Немаше ништо подобро од враќање дома, прегратка од децата и слушање за нивниот ден“, додаде Витерспун.

Рис Витерспун открива: Џенифер Анистон и Џенифер Гарнер ме спасија од нервен слом

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот