
ВИДЕО| Ременски: Свадбата на син му на Мијалков и песните на Цеца се поинтересни, наместо сржта на проблемот
Амбасадорката на САД Анџела Агелер доволно јасно ја дијагностицира јавната тајна за тоа кои се луѓето и ентитетите кои се на црната листа и учествуваат во корупција, но соодветна институционална реакција нема, смета професорката од Факултетот за безбедност, Фросина Ременски. Таа во утринското гостување во „Слободен печат“ истакна дека во земјава недостасува соодветна институционална реакција за детекција и санкција на лицата и фирмите што се на црната листа на САД.
Препорачано
– Нема ни соодветна медиумска реакција, со чест на исклучоци кои допираа до суштината на проблемите. Замислете, го имате Сашо Мијалков кој е на црната листа, имате застарување на предмети кои се нотирани во црната листа по однос на влијание, коруптивност, злоупотреба на моќ и ги имате главните предмети во кои што треба да бидат санкционирани тие дејствија. Но имате обратен процес во кој имате измена на Кривичниот Законик во кој сите предмети застаруваат и се амнестираат. На медиумите им е поинтересно колку чинела свадбата на синот на Сашо Мијалков и дали Цеца ги пеела македонските песни. Што значи дека ние немаме соодветен фокус на сржта на проблемот, кој ни го нотира нашиот стратешки партнер САД како и Европската Комисија во најновиот извештај. Тие ги даваат дијагнозите и не оценуваат за секаков вид напредок и секаков вид на функционалност на системот кој гарантира економска, финансиска, социјална и класична безбедност. Амбасадорката Агелер ги спомена и нашите деца, и нашите семејства затоа што сето ова влијае на севкупниот воспоставен феудален систем на економски и бизнис интереси, во кој ставените на црната листа го диригираат текот во политиката, во партиите, во економијата и во голем дел на надворешната политика поради можните влијанија со Бугарија, истакна Ременски.
Запрашана што треба институциите да направат кога им се сугерира од САД за ентитетите на црната листа, Ременски рече:
-Дали институциите работат? Еве еден пример, кој што јас лично го знам, бидејќи пријавата е моја. Дел од тој ланец на влијание и злоупотреба на системот е токму клиентелистичкиот однос на поранешниот директор на УБК Горан Николовски – Џони. Во 2019 година преку пријава до Антикорупциската комисија, се утврди дека живее во куќа на адвокатот на Орце Камчев и на Сашо Мијалков, (живеел во куќата на адвокатот Антонио Апостолски). Тоа се случува во време кога директорот на УБК требало да ги контролира сите овие системи на рушење на институции. Таа пријава Антикорупциска ја испрати во Управата за финансиско разузнавање, бидејќи се утврди дека нема докази за потеклото на имотот. Така што, во следниот период очекувам не само овие ентитети кои се бизнис и политички поврзани, туку и дел од лицата од безбедносно-разузнавачката заедница да се најдат на црната листа, рече Ременски.
Коментирајќи го предлогот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој истакна дека фирмите што се на црната листа на САД, не треба да учествуваат на јавните набавки во државата, Ременски смета дека предлогот на Спасовски е одличен.
-Одличен е предлогот. Имаме реална потреба да направиме законски измени, да направиме систем во кој ќе оневозможиме протнување на овие ентитети во државните системи кои користат директно или индиректно услуги од истите. Ако погледнеме наназад колку од овие ентитети добиле тендери… Многу интересен е ентитетот „Сајтрокс“ на Иво Малинковски, кој беше обележан и во ЕУ и во Европскиот Парламент, и од САД. Тие ентитети кои имаат влез и можност да конкурираат на јавни набавки во областа на безбедноста и одбраната, мора да поседуваат безбедносен сертификат. Тоа значи дека мора да ги поминат сите можни безбедносни проверки, за да се види дали може да имаат безбедносен сертификат, па да видиме дали смеат да учествуваат во јавни набавки. Да не заборавиме дека дел од тие ентитети учествувале во продажба и извоз на шпионскиот софтвер „Предатор“ кој стана светски познат, ама ниедна институција до денес не кажа дали им се одземени на овие ентитети безбедносните сертификати и дали имале дозвола да го произведуваат и увезуваат, посочи таа.
Целото интервју погледнете го во продолжение: