ВИДЕО: Рекордни заплени на марихуана – хероин и кокаин помалку од очекуваното

Во последната рација во стан во Скопје полицијата приведе 13 млади лица. Роденденската журка ја „зачиниле“ со кокаин, марихуана, екстази, амфетамин, хашишово масло и друга дрога, соопшти денеска МВР наведувајќи дека дел од приведените на возраст од 21 до 28 години се затекнати додека ја конзумираат.

И покрај ефикасноста на полицијата во сузбивањето на трговијата со наркотици, после низата успешни акции во кои, според зборовите на министерот Оливер Спасовски, запленети се околу 550 килограми марихуана, недостасува во државата превентивна компонента со која младите ќе се заштитат од се подостапната дрога, вели професор д-р Владимир Пивоваров, кој сега ја извршува функцијата координатор на Националниот координативен центар за гранично управување.

-Кај нас во Република Северна Македонија се надевам дека во скоро време уште многу поголеми резултати ќе имаат нашите единици за борба со наркотици. Ме радува што, следејќи ги податоците гледам дека откривачката дејност сега веќе отскокнува со стотици, 200, 300 пати повеќе. Но тоа не треба да не теши. Велам, дај Боже што повеќе да откриваме, прво се бориме со овие организирани криминални групи, го штитиме здравјето на граѓаните, односно наркоуживателите и велам дека така не го решаваме проблемот, потребна е и превентивната компонента, која отсуствува не само кај нас туку и во регионот, односно одвикнувањето на овие лица од користење наркотични супстанци и оној главниот дел, непривлекување на нови уживатели на вакви наркотични средства бидејќи криминалните организации за да имаат што повеќе клиенти имаат милион начини и методи како младите лица пред се, да ги инволвираат како идни наркоуживатели кои се нивни потрошувачи во натамошниот период, вели професор д-р Пивоваров за „Слободен печат“.

Тој додава дека она што е најново во овој бизнис, а во Европа функционира на големо е достава на наркотични супстанци на домашна адреса, преку заштитени сајтови каде што членуваат дилерите и конзументите.

– Сѐ што ќе излезе најново во електрониката исто така им е на располагање како на државните служби така и на криминалните организации. Веќе толку е осилена оваа криминална дејност што и преку мас медиумите, електронските комуникации се вршат толку легални јавни набавки почнувајќи од кокаин до најслабата и најевтина наркотична дрога канабисот, изјави Пивоваров за „Слободен печат“.

Нашиот соговорник од Националниот координативен центар за гранично управување вели дека неговата институција е само една алка во синџирот на координираната борба против организираниот криминал со наркотици. Има пред сѐ информативна улога, односно доставува информации за влез и излез на возилата како и лицата на граничните премини додека акциите ги планираат, следат и спроведуваат другите структури во МВР.

-Криминалните организации во регионот, во Македонија, Албанија, Грција, Србија, Бугарија и Косово се добро организирани, но и безбедносните служби соработуваат и разменуваат информации и како резултат на таа соработка во регионот многу често почнаа да се откриваат поголеми количества наркотични супстанци. Но пред сѐ се работи за марихуана, додека заплена на потешките наркотични дроги како хероин речиси и нема, а кокаин се запленува во многу мали количества, нагласува д-р Пивоваров во разговор за „Слободен печат“. 

Инаку, министерот Спасовски во интервју во средата нагласи дека последните 20 дена пресечени се два меѓународни шверцерски канали при што се запленети над 550 килограми марихуана и 100 килограми хашиш.

-Имавме заплена на марихуана во Јосифово и во Крушево. Во Сингелиќ запленивме четири и пол килограми хероин и килограм кокаин. Ќе продолжиме со оваа сериозна неселективна борба. Даваме податоци колку дрога е запленета. Од украдената дрога од Јосифово, пронајдовме повеќе од 300 килограми во Арачиново, но останатата дрога не е пронајдена, истрагата е во тек. Има индиции дека дрогата е и надвор од државава. Имаме сериозни докази за дрогата од Јосифово, шест кривични пријави има за тој настан. Во оваа држава мора да се стави до знаење дека секој мора да си одговара, нема врски ниту партиски ниту роднински, нагласи Спасовски во средата во изјава за ТВ24.

Според професорот Пивоваров еден од проблемите поради кои големи количества на дрога го продолжуваат патот надвор од границите на земјата, или пак влегуваат во неа и продолжува да се дистрибуира е корумпираноста на различни структрури на патот на наркотиците.

-Проблем има и на граничните премини. Можеби се корумпирани царински или полициски службеници, можеби се корумпирани во одредени земји одредени влади кои сесрдно помагаат во тој транспорт со наркотици, значи се оставаат, многу хипотетички прашања кои потоа  мора да се затворат со истраги, смета Пивоваров кој раководи со Центарот за интегрирано гранично управување каде се снимаат и се следат сите влезови и излези од државата, сепак со ограничени ресурси. Камерите кои ги користи Центарот за надзор се со лимитиран досег, за разлика од најмодерната технологија која се користи во развиените западни земји и која за неколку минути и на многу поголема оддалеченост може да изврши идентификација на сомнителни лица како и на нивните незаконски дејства, вели Пивоваров.

Тој зборувајќи за некои претходни написи во медиумите каде се споменува дека на македонските гранични премини се гаснат камери за да помине недозволен транспорт на илегална стока, демантира дека такво нешто, во неговата служба може да се случи. Станува збор за лажни вести зошто видео надзорот на границите е така поставен што се бележи секое нефункционирање на камерите и се дистрибуира извештајот во пет центри при МВР по што брзо се реагира за отстранување на евентуалните дефекти на уредите за видео надзор.

-Сѐ што ќе се случи со камерите на граничната линија веднаш се регистрира на 5 адреси во МВР. Никакво гаснење на камерите не може да се изврши, тоа се контролира од МВР, Оддел за информатика, дециден е Пивоваров кој за волја на вистината потсетува на некои претходни инциденти со злоупотреби на видеонадзорот за лични цели и пресметки, што сега е ставено под строга контрола кој смее и како да ги користи снимките кои секогаш се дел од оперативните истраги за шверц на разни стоки и недозволени супстанци кои транзитираат низ државава.

Инаку, во Европа, во изминатите години нелегалната трговија со хероин значително се зголемува. Секојдневно полицијата ширум ЕУ запленува и по повеќе од 1.000 килограми во една пратка.
Кон крајот на минатиот месец во акција координирана од Европол, во шест земји беа уапсени 45 лица и е прекинат синџир на криумчарење преку кој во првите шест месеци од годинава се внесени 45 тони кокаин, вреден над 100 милиони евра.

Криминалните групи од Западен Балкан ја користат Авганистанската рута и купуваат сериозно големи количини хероин директно од оваа земја. Проценките се дека околу 150 тони хероин се трошат во Европа. Според Европол, значително количество од овој хероин преку Северна Македонија влегува во Албанија, поточно во Елбасан, оценувајќи ја токму државава како клучна точка за дистрибуција на авганистанскиот хероин во Европа.

-Уште од поранешна Југославија па и пред тоа од Кралството СХС, рутата е таа. Авганистанскиот хероин кој таму се произведува, а во еден ден и во лаборатории во Турција, преку Грција и Бугарија, влегува во Македонија и тука се расчленува на неколку краци, а преку Србија хероинот доаѓа во Европа. Последните извештаи говорат дека албанското приморје го презема приматот на прифаќање на кокаинот и натамошна дистрибуција кон Европа. Ако претходно тоа беше Црна Гора, пристаништето во Бар, сега веќе и албанските пристаништа наводно го преземале приматот, велат меѓународните извештаи. Што значи дека многу лесно е да се зборува дека ние сме еден дел од таа рута, еден дел останува во нашата држава, имаме и ние голем број на наркоуживатели, вели Пивоваров уште еднаш нагласувајќи ја важноста од превенција и посебни програми за одвикнување од наркозависност за кои многу малку се говори во последно време, а се голем општествен проблем кој бара итно решение.

ФОТО | Растурена забава во центарот на Скопје: Приведени се 13 лица, запленета дрога

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!