
ВИДЕО: Протестна колона низ скопските улици, жители на Бардовци против Центарот за странци
Со неколку десетици автомобили во колона, жители на скопското село Бардовци попладнево продефилираа низ скопските улици и се упатија пред Владата, каде одржуваат протест против изградбата на Прифатен центар за странци во атарот на селото.
Препорачано
Бардовчани неколкупати протестираа и предупредуваа дека е неприфатливо да се гради таков објект без да се разговара со локалното население.
Тие велат дека се игнорирани од властите и уште еднаш се обидуваат со писмо да алармираат за „недозволивата состојба на теренот“. Им пишаа на претседателот Стево Пендаровски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и уште еднаш потсетија дека проблемот со Прифатниот центар за странци во Бардовци не е решен. Писмото го испратиле и до Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ, кого претходно исто така го запознале со проблемот.
– Јавно ви се обраќаме, за јавно да нè информирате, до каде се ветувањата што ни ги дадовте? Остваривме средби, за кои се надевавме дека нешто ќе придвижат, ќе променат. Се надевавме дека не се само протоколарни средби. И на тие средби долго разговаравме, многу аргументи ви приложивме. Добивме разни ветувања. Но, за жал немаме никакви информации за тоа кога ќе биде стопирана изградбата и дислоциран Прифатниот центар за странци што се гради до нашите домови!, пишува во писмото од жителите на Бардовци.