ВИДЕО | Протест за спас на реката Дошница: Нема да дозволиме најчистата река во Македонија да стане пустина!

Иницијативата Зелена народна стража најавува блокади и протест за спас на реката Дошница на планината Кожув.

Блокадата е најавена секој ден, од четврток (утре, 26 јуни) од 6 до 18 часот, додека главниот протест е закажан за в недела (29 јуни) од 11 часот, токму на Смрдлива Вода. Апелираат сите кампери да си донесат опрема за кампување.

„Сакаат да направат пустина од Дошница, најчистата река во Македонија – нема да дозволиме! Во недопрената природа на Кожуф планина, над Смрдлива Вода, Гевгелија, сакаат да градат две мали хидроцентрали“ порачуваат од иницијативата.

Оттаму реагираат дека хидроцентралите се на територија на Општина Кавадарци, но дека ова значи уништување и загрозување на живиот свет и водата во Демир Капија, Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци и околните села, бидејќи, како што посочуваат, сите пиеме вода од истата планина.

Од Зелена народна стража потенцираат дека Конска Река (Гевгелија) е веќе пресушена. Истовремено, велат дека под закана се Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Селечка, Брајчино, Станечка, Врановска, Бачишка, Падалишка река…

„Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат овие хидроцентрали? Хидроцентрали на Дошница не смее да има! Свесни, чисти и храбри луѓе од Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци, Неготино, Росоман и цела Македонија – ова нѐ засега сите! Се гледаме на блокади од четврток и главен протест во недела!“, се вели во повикот за протест.

Инаку, иницијативата веќе објави и видео, со кое ги нагласија заканите за реката Дошница и Кожуф Планина – една од најчистите реки, во една од недопрените планини во Македонија.

„Малите хидроцентрали се едно од најголемите зла, бидејќи произведуваат незначително малку струја, а убиваат цел екосистем: реката се зафаќа високо во планината, низ цевка се спушта многу пониско до централата и реката пресушува. Исто така, државата им дава на инвеститорите загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години (ниту еден друг извор на енергија нема загарантирата откупна цена). Понатаму, граѓаните плаќаат дупло: без разлика на реалната моментална цена на струјата, поради загарантираната откупна цена ние плаќаме повисоки сметки за струја, а бидејќи овие хидроцентрали се субвенционирани, ние ги плаќаме субвенциите преку даноците. Воедно, лесно и брзо се даваат кредити под маската на ‘зелена’ и ‘обновлива’ енергија. Пример за еколошка катастрофа и уништена река поради вакви хидроцентрали е Конска река во Гевгелија, а вакви случаи има повеќе“, нагласија од иницијативата, дополнувајќи дека за профит на неколкумина, страда цела Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот