
ВИДЕО | Проф. Узунов: Автопатот кон Охрид може да не однесе кон финансиско заробеништво од Кина
Кратењето на тековните расходи кои се непродуктивни е сосема оправдано и како препорака и мерка. Тие треба да се скратат до максимум. Но она што е мој став и што е препорака на академската заедница е дека сега влегуваме во нова фаза, поразлична од претходно, како треба да изгледа идниот развој – опоравувањето после пандемијата. Економијата на ниедна држава нема да биде иста како претходно, изјави во Утрински брифинг проф. Ванчо Узунов.
Препорачано
– Јас сум на став дека ние треба темелно да го редефинираме поимањето на поимот капитални инвестиции. Ние се уште, во голема мерка граѓаните, но и политичарите, за капитални инвестиции даваме социјалистички призвук како патишта, згради, хидроцентрали, но капитална инвестиција е она шпто во иднина ќе го носи развојот на економијата. Тоа се инвестиции во човечкиот капитал. Македонија во поглед на инфраструктура заостанува зад развиените земји, треба да има инвестиции за да ги стигне. Но во поглед на квалитетот на човечкиот капитал заостанува повеќе. Затоа во идниот период треба повеќе да вложи во развојот на човечкиот капитал, за тој јаз што е поголем према развиениот свет од јазот кај физичката инфраструктура да почне да го затвора што повеќе. Инаку човечки капитал подразбира – квалитено образование, квалитено здравство и социјалните пакети врзани со сиромаштијата и намалување на нееднаквоста во општеството. Тие три политики заедно во современиот свет се викаат – политика за подобрување на човечкиот капитал, вели Узунов.
– Кина како огромна економија го прави тоа што нејзе ѝ чини. И тука може да се лутиме или не, ама ништо не може да се смени. Прашањето е колку секоја држава ќе се зафати да ја прифати таа позиција на Кина и колку ќе ја заштити својата позиција и ќе извлече за својот развој колку што треба. Конкретно за автопатот до Охрид. Ни претстојат локални избори. Политичари пред локални избори се сликаат пред патишта. Тоа е миљето и сфаќањето кај нас како се води политика. Мене ако ме прашате тој автопат не требаше ни да се почне. Тој автопат нема никаква оправданост да постои. За оправданост за градење на автопат има мерки за издржливост. Но сега кога е веќе почнато треба да се види што е најпаметно да се прави. Мислам дека треба да се разгледаат сите можни варијанти. Вака ако се гради тој ќе биде готов за 30 години, значи и тоа не е решение, ако не го градиш исто не е. Тука се потребни многу повеќе анализи кои не ги гледам. Во поглед на другите автопати, Македонија има автопатна мрежа, треба да се дозавршат уште некои почнати правци. По мое мислење потребен е експресен пат, вели Узунов.
Целиот разговор погледнете го во видеото: