
ВИДЕО: Поборниците на Партениј за митрополит протестираа во Охрид
Група незадоволни православни верници попладнево одржаа протест во Охрид, барајќи МПЦ-ОА да го преиспита најавениот избор на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, пренесоа локалните медиуми.
Препорачано
Учесниците на протестот бараат на високата црковна функција да биде востоличен епископот Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир.
„Поголема група на верници, не само од Охрид, туку и од Битола, Кичево, Mакедонски брод и Струга сметаат и се сигурни дека вистинскиот избор е во ликот и делото на епископот Партениј. Сето она што тој го направил, не за стотици, за илјадници луѓе, не само во нашата епархија, повторувам лицето на Синодот треба да го види и признае. Сметаме дека епископот Партениј мора да биде земен во предвид за интронизирање на торнот на Дебарско-кичевската епархија, изјави Петар Воиновиќ, еден од демонстрантите.
„Собрани сме да изразиме револт на одлуката да биде поставен за митрополит на Дебарско-кичевската епархија лице кое само неколку дена е во монаштвото, а од друга страна се запоставува енкој кој 30 години активно работи и ја ора нивата Христова и ги збира верниците околу себе и не задржува сите нас околу него на еден начин заради него сме тука. Да останеме во оваа држава и да направиме нешто повеќе, изјави Станое Станоевски, учесник на протестот.
Денеска и во Скопје беше истакната порака со исто барање на транспарент поставен пред Соборниот храм, а иницијаторите за утре најавија многу поброен протест напладне во Скопје. Незадоволните верници бараат да се слушне нивниот глас и „да се избере кандидатот кому сосема природно му е да го наследи митрополитскиот трон, поаѓајќи од фактот дека тој и беше заменик на упокоениот владика Тимотеј“.
Од МПЦ-ОА засега нема реакција на протестите и барањата на незадоволните верници.