
ВИДЕО | По силните критики за лошиот квалитет на олимписките медали, организаторите ќе ги заменат оштетените
Американскиот скејтбордер Најџа Хјустон покажа како изгледа неговиот медал само неколку дена откако го добил.
Препорачано
„Медалот изгледа како да бил во војна и се вратил. Овие медали се одлични само кога се сосема нови. Се препотував и го носев околу вратот, моите пријатели го носеа малку викендот и сега гледам дека квалитетот не е онаков каков што замислувате“, изјавил Хјустон.
Неговата објава стана вирална, а луѓето почнаа да се прашуваат од што се направени златните олимписки медали, пишува „Дејли мејл“ (Daily Mail).
Бразилската гимнастичарка Ребека Андраде, која го освои златниот медал, напиша дека е „тажно што не може да го носи“ и додаде: „Очигледно тие не се толку квалитетни како што мислите“.

Данецот Виктор Акселсен, кој го освои златниот медал во бадминтон, сподели видео на социјалните мрежи на кое се гледа одблиску златниот медал во споредба со оној што го освои на Олимписките игри во Токио, а многу луѓе се прашуваа зошто годинешните изгледаат истрошени.
И покрај името, олимписките златни медали не се направени од чисто злато – тие се првенствено направени од сребро. Според прописите на Меѓународниот олимписки комитет, златните медали мора да бидат направени од најмалку 92,5 отсто сребро и обложени со приближно шест грама чисто злато.
Медалите за Олимпијадата во Париз беа дизајнирани од парискиот златар Шауметан и изработени од париската ковачница.
По поплаките на некои спортисти, организаторите на Игрите во Париз ветија дека ќе бидат заменети сите оштетени медали.
„Свесни сме за забелешките за квалитетот на медалите кои почнаа да кружат на социјалните мрежи. Работиме со „Монаие де Париз“ (Monnaie de Paris), институцијата одговорна за производство на медали и контрола на квалитетот, и со Националниот олимписки комитет на засегнатиот спортист за да процени и утврди зошто медалот е во лоша состојба“, објаснија тие.
„Медалите се скапоцени за спортистите кои ги освоиле, па „Монаие де Париз“ ќе ги замени оние што се оштетени. Нема ни да забележите дека не се оригинални, ќе изгледаат потполно исто“, додаваат тие.
Инаку, медалите од чисто злато за последен пат беа доделени на Олимписките игри во Стокхолм во 1912 година.