
ВИДЕО: Плоштадот стана депонија, граѓаните си направија чистка во плакарите и подрумите и непотребното го испратија во Турција
Во местата погодени од земјотресот во Турција не можат да се испратат штикли, фустани за свадба, летна облека, бидејќи во загрозените подрачја во моментов температурата е-20 степени, апелира Давер Нуредин, еден од иницијаторите кои го поставија пунктот на плоштадот „Македонија“ во изјава за „Слободен печат“.
Препорачано
Потенцира дека дел од граѓаните донираат и релативно нова облека, претежно за зимскиот период, но дел од облеката не може да се испрати, ниту пак може некој да ја користи во Македонија.

На социјалните мрежи во последните три дена се објавуваат фотографии од летни чевли, искинат долен долна облека, облека што веројатно не им е потребна на граѓаните, па решиле да се ослободат од нејзе така што ќе ја донираат на пунктовите на плоштадот „Македонија“. Плоштадот во центарот на Скопје утрово наликуваше на депонија, а волонтерите неуморно работат да го расчистат и да ја селектираат облеката што може да биде испратена во погодените подрачја.

Нуредин информираше дека денеска е последен ден на плоштадот, а потоа ќе се дислоцираат на повеќе локации и апелираше до граѓаните да не носат стара облека, а тоа што ќе го примат како донација ќе биде само нова облека, како и храна и облека за деца. Дел од волонтерите кои помагале да се селектираат донациите добиле инфекција, што укажува на тоа дека дел од помошта што се носи на плоштадот не е безбедна, а се чувствува и непријатна миризба во кругот на „депонијата“
Досега, како што изјави тој, само од плоштадот испратени се десет камиони за Турција, а денеска ќе бидат товарени уште четири.