Фото: БТВ/принтскрин

ВИДЕО: Пендиков вели дека сонува да се врати во Македонија и слободно да се нарекува Бугарин

Христијан Пендиков, претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој тврди дека бил нападнат затоа што е Бугарин и беше пренесен во Софија на лекување, во интервју за бугарската телевизија БТВ зборуваше за нападот, а рече и дека еден месец подоцна, и натаму добивал закани.

Пендиков вели дека и во Бугарија не се чувствува безбедно и дека закани добивале и неговата мајка и роднините. Тој раскажува дека и самиот, кога бил помлад, не ги поднесувал Бугарите, пред да се „разбуди“.

Македонскиот Бугарин детално го опиша нападот што му се случил во Охрид.

„Бев во ресторан каде што беше мојата девојка. Дојдоа двајца, тројца и почнаа да ме напаѓаат дека сум Бугарин. Само со зборови. Зошто се нареков Бугарин, дека сум предавник. И такви работи. Излегов од ресторанот за да му се јавам на претседателот на клубот Томе Блажевски, за да му кажам што се случило. И тие излегоа по мене и ми го зедоа телефонот, ми кажаа влези внатре и биди смирен за да нема проблеми“, вели Пендиков.

Но, тој додава дека кога влегол внатре, видел дека не бил добредојден во ресторанот.

„Ја зедов јакната и излегов надвор. Одев сам до паркингот да си ја земам колата и да си одам дома. И таму сѐ се случи“, раскажа тој, додавајќи дека нападот траел десетина минути, а имало најмалку тројца кои го тепале.

„За жал, во Северна Македонија е нормално да те тепаат, пцујат, пукаат затоа што си Бугарин. Полицијата не треба ништо да прави“, вели секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.

„За да бидеш македонски Бугарин, само треба да се реализираш. Во Македонија учиме изменета, лажна историја во која Бугарите се фашисти, Татари. Откако ја прочитав светската историја, откако прочитав за ВМРО и што е историја, сфатив“, вели тој, додавајќи дека децата во земјава се учат дека „само Србите ни се браќа и сите други сакаат нешто лошо да ѝ се случи на Македонија“.

Бугарските власти најавија дека Пендиков по брза постапка ќе добие бугарско државјанство, а тој ќе добие и стан во кој ќе биде сместен додека е во Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот