
ВИДЕО | Откриено парче папирус од 3 век п.н.е.: Доказ за најстарата книга на светот?
Новото откритие на научниците од Универзитетот во Грац, покажуваат дека производството на првите книги, можеби започнало стотици години порано, отколку што досега беше познато, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Австриската реставраторка Тереза Замит Лупи, открила траги од шиење, за време на рутинско истражување на египетски папирус. Фрагментот кој во моментов е предмет на истражување, датира од 3 век п.н.е.

Со ова се потврдува дека, методот на шиење, што е суштинска алатка за секој конзерватор-реставратор на книговези, е 400 години постар од најстарите познати примероци на увезени книги, кои датираат од 150 до 250 година од нашата ера, а се чуваат во библиотеките во Лондон и Даблин.
Парчето папирус, со димензии 15 на 25 сантиметри, било пронајдено во некропола во близина на денешниот египетски град Ал-Хиба и во 1904 година било донесено во Грац, Австрија.

Според последните истражувања на научниците од Универзитетот во Грац, двојниот лист од книгата е всушност потврда за данок на пиво и масло и напишана е на старогрчки јазик.
Тереза, при реставраторските работи забележала парче конец, превиткување на средината на фрагментот, како и мали дупчиња за конец. Јасно дефинираните рабови на папирусот, укажале дека се работи за лист од манускрипт, наречен кодекс, а не за свиток.
„Како конзерватор, морам да кажам дека е извонредно чувството кога ќе наидеш на вакво откритие и знаеш дека можеш да придонесеш со нови информации за историјата на создавањето книги“, вели австрискиот реставратор, по потекло од Малта.
Инаку, Универзитетот во Грац планира да организира меѓународна конференција на која ќе бидат презентирани и дискутирани новите наоди со колеги од целиот свет.